сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 69
home Вести

Скопјани се молат секој ден да има ветер, загадениот воздух ни го уништува здравјето

Скопјани се молат секој ден да има ветер, загадениот воздух ни го уништува здравјето

Ветрот денеска привремено ги спаси скопјани од загадувањето. Мерните станици на Министерството за животна средина низ главниот град до 13 часот регистрираа ниско ниво на ПМ10 честички во воздухот. А, премиерот Заев одговарајќи на пратенички прашања од собраниската говорница денеска рече дека се формирани тимови од МВР, локални инспекторати и вработени во Државниот инспекторат за животна средина, кои ќе следат на дневна основа каде има огнови на јавни места и палење на шумите. Како дополнителни мерки, Заев говореше и за гасификација и за електричен трамвај.

„Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Градот Скопје и да влезе во проект кој дефинитивно ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје. Со проектирана вредност од 100 милиони евра…“, рече премиерот Заев.

Во меѓувреме, активистите преку јавни дебати бараат решителни акции од инспекторатите.

„Ги повикуваме надлежните институции, посебно Државниот инспекторат за животна средина да направи вонредни инспекциски надзори на клучните капацитети кои се најголеми загадувачи во градот и околината“, вели Наташа Адиму – претседателка на организација „Зелен институт“.

А, за една недела во сила стапува и Правилникот на Министерството за животна средина. Во него ќе биде утврдено кој и во колкави гранични вредности, од малите, а многубројни загадувачи може да го загадува воздухот. Најмалата казна ќе изнесува 10.000 евра.

„….Досега имавме проблем бидејќи немаше пропишано гранични вредности на инсталации кои моќноста на горилникот е до 1 мегават час. Сега тоа го поправивме. Сега инспекторите ќе имаат одврзани раце да санкционираат сите оние кои не ги почитуваат граничните вредности“, рече Мирослав Богдановски – раководител на инспекторат на град Скопје.

Денеска од Македонското здужение на млади правници информираа дека поднеле тужба пред Граѓанскиот суд против Владата, Министерството за животна средина и Градот Скопје поради аерозагадувањето, за утврдување на правото на повреда на здравата животна средина, правото на здравје и на личен и семеен живот.

 

Коронавирус