петок, 18. септември 2020. Вести денес: 76
home Вести

Скопјани се гушат во смог: Надлежните ќе превземаат мерки дури следната година, како да дишеме до пролет?

Мерните станици ноќеска регистрирале највисоки концентрации во Аеродром – рекордни 854 микрограми на метар кубен, во Лисиче од 577, а кај Ректорат 532 микрограми.
Скопјани се гушат во смог: Надлежните ќе превземаат мерки дури следната година, како да дишеме до пролет?

Загадувањето повторно на голема врата тропна во Скопје. Градот од ноќеска во голема мера се гуши во смог. Воздухот во последното деноноќие во главниот град најзагаден бил во Аеродром, Лисиче и кај Ректоратот.

Мерните станици ноќеска регистрирале највисоки концентрации во Аеродром – рекордни 854 микрограми на метар кубен, во Лисиче од 577, а кај Ректорат 532 микрограми.

Граѓаните велат дека во воздухот се чувствувала смрдеа на изгорена пластика, информираат од еколошките невладини организации.

Од Коалицијата за чист воздух О2, каде членуваат повеќе невладини здруженија, се огласија на социјалните мрежи и ги повикаа надлежните инспекции да реагираат.

– Топол викенд, пријатен ветер, сите мерни станици во зелена зона. И наеднаш петте минути за демоните од Лисиче. ‘Дрисла’ ли е, ‘Усје’ ли е, инцидент, диви погони ли се, ама домаќинства и сообраќај не ќе да се. Затоа инспектори на терен треба да е најитната мерка на надлежните институции, додека да профункционираат сите други сегменти, напишаа од О2 на нивната фејсбук страница.

И додека граѓаните се трујат во магла и смог, од Градот најавуваат мерки за следната година. Велат дека ќе се воведува забрана за достава на стока во центарот на Скопје во период од 7.30 до 18 часот. Велат дека мерката ќе придонела за намалување на застојот во сообраќајот, а со тоа и намалување на штетните гасови.

– Свесни сме за непопуларноста на оваа мерка меѓу доставувачите на стока. Со дел од нив веќе остваривме средби со цел да ги надминеме непријатностите што им ги создава примената на оваа забрана. Бараме начин како да ги ублажиме евентуалните негативни последици од нејзината примена. Во истовреме, апелираме за разбирање од фирмите што имаат потреба од зачестена достава на стока и ги замолуваме да најдат начин да ја почитуваат забраната. Сепак, грижата за чистотата на амбиентниот воздух и за здравјето на граѓаните е наша заедничка грижа, истакна портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Според резултатите на мерните станици на Министерството за екологија, освен во Аеродром, Лисиче и кај Ректоратот, загадени биле и Карпош и Центар.

Во Карпош најзагадено било ноќеска после 22 часот со измерени 313 микрограми, а утрово е 142 микрограми, во Гази Баба се движеле од 149 до 358, а утрово во 9 часот 112 микрограми на метар кубен.

Последните мерења алармираат дека воздухот во Скопје е и до четирипати позагаден од дозволените граници.

Инаку, за секој нов бран на енормно загадување на воздухот, се случува и нов бран на потрага по маски во аптеките, но од таму генерално велат – нема.

Коронавирус