среда, 22. август 2018. Вести денес: 0
home Вести

СКАПАТА ТАРИФА НА ЗАЕВ

СКАПАТА ТАРИФА НА ЗАЕВ

Премиерот Зоран Заев имаше намера лично да донира за бројчаник што би го поставил на Триумфалната капија, со цел да ги брои вратените пари на граѓаните, ,,оние што им биле одземени”, како што иронизира и клевети  тој, а без докази.

Да, и јас велам….Време е да се постави. Ајде еднаш веќе поставете го бројчаникот! Време е да го поставите најголемиот бројчаник – бројчаникот на предавството. И не само тоа….

Поставете бројчаник во секој град и во секое село, во секое населено место, бројчаник за секое семејство, бројчаник за секој од нас…

Бројчаник што ќе ги мери сите секојдневно изнесени лаги и невистини со кои се служи СДС. Бројчаник за сите ваши секојдневни деманти. Бројчаник за бројот на нови странски инвестиции и на нови работни места (тука нема што да брои), за заканите и уцените, за притисоците и за теророт, за несигурноста и безнадежноста на граѓаните. Бројчаник за сите нови задолжувања, потоа за сите отпуштени од работа. Бројчаник за намалените плати и пензии. Бројчаник за сите нови капитални инвестиции (и тука нема што да брои), за порастот на стапката на криминалитет,  за сета распродажба на идентитетот и на националните чувства на граѓаните…

Многу бројчаници Ви се потребни г-не Заев за да го измерат немерливото т.е. да ги измерат сите ваши лаги и невистини. Но, најстрашно е тоа што сите овие бројчаници работат на скапата тарифа и многу скапо ќе ја чинат  државата.

Да, бројчаникот Ви треба г-не Заев, но за да измери до каде сте стигнати вие со вашето владеење и за да ве освести кон каков амбис ја водите државата.

Народот вас веќе ве доживува како еден голем бројчаник кој што лично и` одбројува на Македонија, сега откако ја нокаутиравте и ја фрливте на земја државата на која што сте премиер.

Но, има уште една работа за која што не сте свесен, а тоа е дека народот после 2-ри јуни започна да ви го одбројува вашето заминување од власт, а од вчера тоа заминување го запечативте со предавничкиот и капитулантски договор со Грција.НАРОДОТ го одбројува вашето тонење во амбисот на политичкиот заборав.

Тој бројчаник сега може да се види на вашето чело, на вашето лице. Сите веќе го гледаме. Убаво си пишува на него, а веќе и сам знаете дека не сте за долго. Затоа ви се брза. Се брзате да распродадете и да грабнете што е можно повеќе. Но, јасно ви е и вам дека пазарот на кој што го понудивте за распродажба националното, односно светото,  набрзо ќе се затвори.

Ама залудно се брзате сега, зошто иако е кристално јасно, вие сепак доцна сфативте дека она што не е ваше не можете да го продадете.

Треба да знаете дека Македонија е бројаница составена од над две илјади чвора. Секој  од нив ги  отсликува илјадниците години на нејзиното опстојување и непокор. Тие чворови ги плетеле македонските мајки додека ги топеле со солзи, мајките чии чеда ја пролеале својата крв за Македонија. Тоа се чворови што се потопени во крвта на нашите претци,  крвта на аманетот, крвта што  задолжува….

Затоа размислете добро додека сѐ уште има надеж за оваа држава, какви чворови Вие додавате на таа бројаница.

Во спротивно ќе се соочите со  народот кој што ќе ги иссече и ќе ги отфрли истите и ќе продолжи со истата плетка која над две илјади години наназад ја плетеле и сѐ уште ја плетат нашите мајки.

Мајка Македонија!mis

Колумна на Иванчо Тошевски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола и член на Советот на општина Битола