сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 87
home Вести

СКАНДАЛ: Шест медицински сестри, меѓу кои и трудница со патолошка бременост, отпуштени од работа среде пандемија!

СКАНДАЛ: Шест медицински сестри, меѓу кои и трудница со патолошка бременост, отпуштени од работа среде пандемија!

Шест медицински сестри во Здравствениот дом во Битола, меѓу кои и трудница во патолошка бременост се отпуштени од работа, иако во оваа здравствена установа има недостиг од медицински кадар, дознава Плусинфо. Скандалот се случува среде пандемија кога Македонија бележи рекордни бројки на заразени од коронавирусот.

Тажна и за неверување е приказната за шесте медицински сестри од Битола, кои повеќе од два месеца се во неизвесност, а без работа останале, ниту по своја вина, ниту по барање на раководниот кадар во битолскиот Здравствен дом кој кубури со медицински персонал, туку поради пресуда на Апелацискиот суд во Битола донесена на 16 јули годинава, а спроведена среде лето откако заврши вонредната состојба. Според судската пресуда, како што дознаваме од отпуштените, директорката на Здравствениот дом на 20 јули годинава ја поништила одлуката за избор на кандидати за работа на неопределено работно време на медицински сестри од огласот за вработување објавен на 30.10.2018 година за шест сестри од вкупно девет вработени. Датумите кога биле донесени пресудите прво на Основниот суд во Битола, а потоа и на Апелацискиот, во овој случај ги демантираат сите критики дека судството бавно ги носи одлуките зашто очигледно е дека не се губело многу време кога требало да се избркаат медицинските  сестри. Пресудата на Основниот суд во Битола е од 12 март годинава, а пресудата на Апелациониот суд во Битола заведена под број РОЖ 193/20 е од 11 и 16 јуни. По речиси еден месец медицинските сестри ја изгубиле работата, пишува порталот.

-Макотрпно и чесно работевме за време на пандемија каде секаде во светот е потребен медицински кадар. Ние бевме отпуштени за време на таа пандемија која зазема уште поголем замав. И покрај тоа што од самиот почеток се водеше оваа судска постапка, на која не се знаеше исходот, бевме известени за дел од судските процеси од страна на директорот на ЈЗУ Здравствен дом Битола. Ни беше кажано дека немаме потреба од грижи, односно дека не постои можност да добиеме решение за престанок на вработување кое во моментот го имаме. И додека во целиот свет има недостиг на медицински кадар и тој недостиг се надополнува, судството во РМ отпушта медицински кадар кој ѝ е потребен на установата и службите во неа – велат отпуштените медицински сестри и го повикуваат министерот Венко Филипче да преземе мерки за решавање на случајот, особено затоа што медицинскиот кадар е дефицитарен во земјава.

Засегнатите поднеле жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но не добиле никаков одговор. За да им биде маката уште поголема, отпуштените медицински сестри во оваа тешка ситуација немаат право на материјален надомест, бидејќи станува збор за одлука на Апелацискиот суд.

Тие на 5 февруари 2019 година склучиле договор за вработување на неопределено работно време со ЈЗУ Здравствен дом Битола. Според работниот договор, должината на отказниот рок, како што велат отпуштените повикувајќи се на законите, се утврдува во зависност од работниот стаж и причината за отказот, но тие немале отказен рок.

-Бевме телефонски известени за престанок на работниот однос и бевме принудени во најбрз рок, кој изнесуваше два дена да го подигниме решението за престанок на вработување. Во меѓувреме, додека траеше нашиот работен однос, на 11.03.2020, СЗО прогласи пандемија на коронавирус, додека пак во нашата држава на 18.03.2020 се воведе вонредна состојба на целата територија. Прв позитивен случај во нашата држава е регистриран на 26.02.2020, додека пак во Битола на 28.03.2020. Откако е прогласена вонредната состојба се одвиваа прераспределби на работните позиции, каде што секоја позиција носеше свој ризик и страв – велат засегнатите.

Целата вест прочитајте ја на ПЛУСИНФО

Коронавирус