вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 60
home Вести

СКАНДАЛ: Амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазици фрлени во контејнер (ВИДЕО)

СКАНДАЛ: Амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазици фрлени во контејнер (ВИДЕО)

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани за Законот за употреба на јазиците, но истите тие амандмани завршија во контејнер.

Амандманите, како што најавија од партијата, се со цел усогласување на законот со Уставот на државата.

Рокот за поднесување амандмани истече во 16 часот, а веднаш потоа амандманите беа најдени во контејнери.

Инаку, Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека поднесените амандмани се поднесени за два члена од Законот, кои, како што рече, се во директна спротивност со Уставот.

Граѓаните, експертите и сите општествени чинители многу пати предупредија дека законот за двојазичност кој СДСМ сака насила да го протурка е неуставен и штетен за државата. Неуставноста на законот ја потврди и претседателот на државата. Апелираме до СДСМ да го повлече овој неуставен закон. Да се вразумат и да не ја испуштаат можноста овој закон да биде интегративен елемент, а не нешто што дополнително ќе не одалечува, истакна Ѓорѓиевски прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Законот за двојазичност кој СДСМ насилно го турка е во целосна спротивност со Уставот на државата и Рамковниот договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани во Собранието, со цел усогласување на законот со Уставот на државата, рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Ќе ви образложам два члена од овој закон, кои се во директна спротивност со Уставот. Членови за кои ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани.

Првенствено Членот 6 од законот вели дека институциите како што се: Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство, Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, институциите во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и институции други области се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата, но и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Овој член е во спротивност со ставовите 2,4 и 5 на Амандман 5 од Уставот на Република Македонија. Таму е дадена можност кој било граѓанин што живее во општина во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот во комуникацијата да го употребат својот јазик. Институциите им одговараат на македонски и на јазикот кој го употребува граѓанинот. Наместо тоа во предлогот на СДСМ чл.6 предвидува институциите да обезбедат задолжителна употреба само на еден јазик, во случајов албанскиот. Со тоа директно се дискриминираат помалите заедници во Република Македонија.

Членот 22 од законот за двојазичност кој пропишува глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на органите кои нема да ги почитуваат одредбите од овој закон. Додека глоба во висина од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече и на службеното лице. Овој член не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше Ѓорѓиевски, е за унапредување на правата на заедниците, но тоа мора да биде исклучиво во согласност со Уставот и законите на Република Македонија.

-ВМРО-ДПМНЕ бара и инсистира во Законот за употреба на јазици да се прошири употребата на помалите етнички заедници во Република Македонија, односно Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и останатите. Интегрирано општество, просперитетно со еднакви можности за сите ќе имаме само ако го следиме Уставот и законите и ако се почитуваме еден со друг. ВМРО-ДПМНЕ се залага и се бори за тие вредности.

Законот за јазиците месецов беше изгласан од парламентарното мнозинство, но претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише. Поради тоа, Законот повторно се враќа во Собрание, а неговото трето читање е закажано за во понеделник, 29 јануари.