четврток, 21. ноември 2019. Вести денес: 53
home Вести

СЈО го доби дописот од Јовески

СЈО го доби дописот од Јовески

СЈО претпладнево го доби дописот, што до нив го испрати државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за префрлање на предметите.

Како што потврдија за МИА од Специјалното обвинителство дописот пристигнал на нивна адреса, а тие утре ќе излезат со соопштение за натамошните чекори.

Јовески вчера во изјава за МИА рече дека Обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо.

Смета дека по преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот за јавно обвинителство ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите и не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите.

– Јавното обвинителство на Република Северна Македонија беше известено со писмен допис дека јавните обвинители од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) се овластени да ги достават предметите во ЈОРСМ. Следи взаемно договарање околу техничките детали за предавање на предметите, моментот и редоследот. Обвинителството е подготвено, има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети. По пристигнување на предметите и нивно распределување по обвинителствата, постапувањето од страна на ЈО ќе тече согласно законските надлежности. Се надеваме дека процесот ќе тече брзо, вели Јовески.