петок, 28. јануари 2022. Вести денес: 129
home Вести

Синдикатот на вработените на УКИМ против предлогот за намалување на платите

Синдикатот на вработените на УКИМ против предлогот за намалување на платите

Против предлогот за намалување на платите денеска реагираше и Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оттаму посочуваат дека платите на вработените во администрацијата и образованието се мали и недоволни за да се покријат основните трошоци и оти ваквиот предлог ќе биде уште еден удар врз науката и вработените во високото образование, имајќи предвид дека пред распуштањето на Собранието не се остварило најавеното зголемувањето на платите.

– Во оваа состојба на пандемија, на луѓето им се потребни средствата од редовните примања за опстанок во вонредните околности, кога не можат да остваруваат никаков дополнителен приход со сопствен труд, туку треба да се потпрат единствено на средствата од плата за издршка на семејството, велат од Синдикатот, посочувајќи дека ваков предлог нема донесено ниту една земја во регионот, иако имаат прогласено вонредна состојба.

Синдикатот предлага да се изнајдат други начини за финансиска поддршка и борба против коронавирусот со пренасочување на буџетски средства наменети за одредени проекти кои во моментот не се повеќе значајни од здравјето на граѓаните, како и од државните резерви, донации од банки и големи компании, задолжување…

– Синдикатот смета дека во услови на демократско општествено уредување, воведената вонредна состојба и носењето на уредби со законска сила од страна на Владата треба да биде насочена кон итно справување со опасноста од вирусот и надминување на постојните проблеми во насока на заштита на здравјето на граѓаните, но не и за носење на одлуки поврзани со платите на вработените. За вакви прашања е потребна поширока општествена јавност при одлучувањето. Дотолку повеќе што правен основ за носење на ваква мерка, со која се намалуваат платите, во нашето право изречно не е предвидена и уредена, се наведува во соопштението.

Од Синдикатот посочуваат дека вработените во УКИМ во овие вонредни околности сепак одржуваат настава по електронски пат.

Коронавирус