вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 170
home Вести

Синдикатите протестираа пред Влада: Побараа покачување на платите и исплата на К-15 во јавниот сектор

Синдикатите протестираа пред Влада: Побараа покачување на платите и исплата на К-15 во јавниот сектор

Усогласување на платите во јавниот сектор согласно со покачувањето на минималната плата и исплата на К-15 во јавниот сектор, бара Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

Своите барања синдикалците ги изнесоа попладнево на протестен марш во Скопје, кој почна  пред Собранието и заврши пред Владата.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски посочи дека тие се и против секаков трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор.

-Бараме усогласување на платите во јавниот сектор со покачувањето на минималната плата кое во моментот е 25 проценти. Бараме и исплата на К-15 во јавниот сектор бидејќи сме дискриминирани, а не се согласуваме и со трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор, изјави Ралповски.

Посочи дека вчера биле повикани од службите во Владата, но иако барале, не оствариле средба со премиерот и министрите.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, рече дека се приклучуваат на протестот на КСС и на барањата за зголемување на платата за 25 проценти во образованието.

Неделковски нагласи дека ова е последен предупредувачки протест пред генерален штрајк во дејностите на СОНК и во сите дејности на КСС.  (МИА)

Најнови вести