среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 130
home Вести

Силјановска: Проблемите на граѓаните ќе ги претставувам многупати пред пратениците, ќе докажам дека сум од народот и за народот- тоа што го говорам, ќе го остварам

Силјановска: Проблемите на граѓаните ќе ги претставувам многупати пред пратениците, ќе докажам дека сум од народот и за народот- тоа што го говорам, ќе го остварам

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митинг во Куманово побара поддршка од граѓаните, ветувајќи им дека, таа ќе докаже оти е од народот и за народот.

-Мојот кабинет ќе го сочинуваат луѓе кои ќе имаат искуство и знаење и кои ќе бидат професионалци во својата област. Секогаш кога пред мене на маса ќе се најде Закон што по консултации со тие експерти околу мене ќе заклучиме дека го крши Уставот, нема да го потпишам, ќе ставам Вето, но ќе побарам заради граѓаните, заради Вас да го образложам пред пратениците, оти имам право на обраќање, па нека процени народот дали се моите аргументи во ред или на оние кои заради послушноста не сакаат да го разгледаат уште еднаш или да го вратат на доработка. Тогаш јас ќе докажам дека сум од народот и за народот, рече Силјановска и додаде:

„Ќе барам многупати да се обраќам до Собранието. Зошто? Оти многу проблеми се натовариле и бидејќи јас ве претставувам Вас, вашите проблеми ќе ги претставувам многупати пред пратениците, ама да може покрај нив и вие да ги слушате па да направите демократски притисок на нив“.

Кандидатот за претседател Силјановска Давкова пред кумановчани истакна дека во Собранието на Република Македонија има пратеници кои носат одлуки без дијалог, претходно договорени, наместо разумни одлуки за доброто на граѓаните.

-Ние имаме едно партиско послушно комунистичко собрание, ова не е навреда за минатото туку сакам да кажам дека без опозиција, без дијалог нема делиберативна демократија оти тоа значи расправа со аргументи. Ако 81 човек таму само чека да притисне на копчето бидејќи претходно веќе е донесена одлука тогаш тоа не е парламент, вели таа.

Силјановска Давкова посочи дека во меѓународното право јасно стои дека со меѓународен договор не може да се прекрши Уставот на ниту една држава, алудирајќи на Преспанскиот договор кој го склучи владата на СДСМ и Заев.

-Во меѓународното право се вели јасно дека со меѓународен договор не може да се прекрши Уставот на некоја држава.

Според нејзе, волјата на граѓаните на 30-ти септември за референдумското прашање не е испочитувана од страна на граѓаните, додавајќи дека нашите предци не се бореле за Северна Македонија.

-Сами си го сменија уставот и тие 81 пратеник и тоа во незаконска постапка. Дури и кога побараа збор на референдумот, а референдумот беше не успешен а во Преспанскиот договор пишува ако референдумот биде успешен и го потврди со тоа решенијата од Преспанскиот договор тогаш ќе биде валиден. Но тие заборавија дека не се суверенот туку дека ја украле волјата на суверенот и си ги усвоија уставните измени. И така пишува дека вашите татковци и мајки пишува дека се бореле за Северна Македонија, додаде Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека сите правни акти кои не се темелат на правните норми се ништовни и лесно оспорени.

-Кога било кој акт меѓународен ли е домашен ли е нема правен темел, кога не е правно втемелен тој е правно проблематичен и нему му се заканува ништовност, оспорување и тоа по правен пат а не со сила, бидејќи силата ја оставаме на историјата. Но, ние веруваме во силата на зборот и јас ве уверувам дека тоа што го говорам го помнам, тоа што го помнам ќе го остварам. Значи не е она друга филозофија која што ја владее Македонија, кажувам, заборавам негирам, од тоа не бива реформа, објасни таа.

Силјановска Давкова побара масовна мобилизација и обединетост на граѓани за поддршка на 21 април и 5 мај се со цел да се врати правдата и правдината во Република Македонија, посочувајќи дека сака да внесе простор за една поинаква перцепција за политиката и поинакво практикување на претседателската функција, потенцирајќи дека граѓаните го имаат нејзиниот збор а таа што ветува тоа и ќе го исполни.

-Јас ветувам дека ќе се обидам да ставам едно камче во политичкиот мозаик што се вика претседател на Република Македонија, што ќе отвори простор за поинаква перцепција на политиката, за поинакво практикување на претседателската функција.

Коронавирус