сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 106
home Вести

Силјановска: Обнова ќе се фокусира на економијата, социјалната заштита, образованието

Силјановска: Обнова ќе се фокусира на економијата, социјалната заштита, образованието

Проектот „Обнова“ е четиригодишен проект, но остава и простор за доградба. Најважното за економијата, за социјалната заштита, за образованието, е владеењето на правото. Тоа е врвниот кластер. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се наведени не само целите и заложбите, туку и инструментите и времетраењето на реализацијата на проектот наречен „Обнова“.

Ова денеска го изјави носителката на Изборна единица 1, Гордана Силјановска Давкова, на отворањето на изборен штаб на улица „Македонија“ во Скопје.

– Ќе речете што ќе се обновува, има ли што да се обновува? Да. Никогаш не била поактуелна обновата, зашто треба да се обнови респектот кон себе, како кон индивидуи, како кон граѓани, респектот како нација, како народ, респектот кон Уставот и законите, кон владеењето на правото, респектот кон меѓународното право, но најмногу респектот кон оние кои најмалку имаат, за жал партијата што се нарекува социјалдемократска, одамна ја напушти социјалдемократската идеологија и делува корпоративно, во заштита на најкрупниот капитал, не на малите, не на средните претпријатија, туку на банките и на големите фирми, рече Силјановска.

Таа истакна дека бидејќи Македонија по Устав е социјална држава, и тие ќе го обноват тој концепт. Силјановска се осврна и на делот во програмата насочен против одливот на мозоци.

– Ако по Уставот Македонија е социјална држава, тогаш еве ние ќе го обновиме тој концепт и впрочем грижата за државата која не само што не е социјална туку е социјален случај по сите параметри обележана со црвено како опасна земја за посета. Се фалиме дека се што правиме е да го спречиме одливот на мозоците егзодусот на младите, но прашањето е што сторивме за нив?, вели Силјановска.

Таа истакна дека младите, најдобрите не заминуваат само заради високите плати и стандардот на Запад, туку затоа што не се вистинските луѓе на вистинско место, како што рече, ако не сте партиски ориентирани, ако не сте во одбраната еднопартиска група, вие немате шанса да ставите бела крагна, најпотребна во преговорите за ЕУ.

– Со програмата Обнова, велиме дека 500 најдобри млади луѓе секогаш ќе добијат веднаш вработување, што е европска и светска пракса. Срам ми е бидејќи доаѓам од Универзитет да кажам дека некаде на 1.800 место сме на Шангајската листа. Како што сме сега во  поглед на хибридниот режим. Нашата цел е барем во четиригодишниот мандат да влеземе во друштвото на илјада универзитети на Шангајската листа, рече Силјановска.

Таа додаде дека ќе делат ваучери за концерти, за спортски настани, картите ќе бидат за сите 50 отсто, а младите до 29 години нема да плаќаат никаков данок за да го внесат својот економски и компетитивен дух дома.

Според неа, крајно време е да има курикулуми и образование компатибилно со европското, да има можност за доедукација или за мобилно образование, да се демократизираат универзитетите.

– Во Собранието ќе ги активираме пратеничките прашања, секоја недела. Ќе ги отвориме портите во комисиите за сите што се заинтересирани, ќе ставиме крај на закони по скратена постапка, секој закон од значење ќе се праќа во Венецијанската комисија. Јас се залагам за мала и компетитивна влада во која нема да има измислени министри, партиски војници. Ќе подразмислиме околу Управните одбори, околу замениците, околу измислени функции, за да се пренасочат парите во проектите за кои зборуваме. Еден од првите предлози е да свикаме уставно-правна комисија, да ги детектираме најголемите маани што произлегуваат од Уставот, сето тоа мора да има решение и мора да размислуваме системски со цел да направиме пристојно место за живеење, рече носителката на Првата изборна единица Силјановска на отворањето на предизборниот штаб во Скопје. (МИА)

Коронавирус