среда, 23. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Силјановска Давкова: Нашата победа ќе значи пораз на нивните немакедонски, ненационални, антимакедонски и антинационални политики

Силјановска Давкова: Нашата победа ќе значи пораз на нивните немакедонски, ненационални, антимакедонски и антинационални политики

Кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Велес.

Во Велес Силјановска Давкова посочи дека атмосферата која што ја гледа од митинзите и енергијата од граѓаните и се мотив да се бори да победи на претседателските избори и да овозможи правото и правдата да завладеат во земјава. Силјановска Давкова додаде дека крај нема на листата на славните луѓе во Велес. Дали да се почне од Рацин, дали Брашнаров, дали Џинот, дали браќата Манаскови, луѓе кои инспирираат.

-Замислете на денешната утакмица химната била интонирана без зборови. Епа се прашувам дали тогаш е слободна Македонија, ако е иредентизам да ја пеете химната? Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини, ако Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата меѓу кои и химната, покрај грбот и знамето. И се прашувам дали за власта важат законите оти има закон што се носи со 2/3 мнозинство, исто со какво се носи и Уставот за да се каже какво е значењето и јачината на химната, дали важи овој закон за премиерот и за владата. Се разбира сите се под Уставот и законите во слободна земја, ама јас се плашам дали оваа земја се уште е слободна, нагласи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова појасни дека во текот на преговорите за Преспанскиот договор рекла дека прво на удар ќе биде химната и одговориле цинично дека не било така и дека во преговорите химната ќе била задржана. Власта треба да знае дека химната е историска слика на Македонија. Химната е историски, национален наратив за граѓаните на Македонија.

-Не знам кој им дава право да ги тргнат зборовите од химната. Оти химната не е само музика. Химната е пишаното, историјата, болните зборови, битката за право и правдини. Но не знаат дека кога забрануваат ние уште посилно и попосветено ќе го правиме тоа. Сами ќе ја пееме химната гласно, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека секоја забрана што е врзана за кршење на нашите историски права, нас не охрабрува.

-Се ближи денот кога ние мислиме дека ќе блесне слободата, не само во Велес туку низ сета Македонија. Зошто нашата победа ќе значи пораз на нивните немакедонски, ненационални, антимакедонски и антинационални политики ако тоа може воопшто да се нарече политика. На 21 април мислам дека и изборно ќе ги делигитимираме. Се разбира тие се одамна делигитимирани оти нелигитимно е нешто да сторите за што не сте го добиле мандатот од граѓаните на изборите, појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова рече дека на 21 април кога ќе победи, ќе се отвори пат за предвремени парламентарни избори, а новото парламентарно мнозинство, новата влада нема да бара од граѓаните да ги забораат зборовите на химната или во себе да си ги говорат и да тагуваат. Туку новата влада со граѓаните ќе ги пеат зборовите од химната, со нив ќе го вее знамето, со граѓаните ќе го изговара светото име со кое одраснале Македонија. А, северна нека си го изговара оваа власт која ќе изгуби на предвремените парламентарни избори и ќе остане на темните страни од македонската историја.

-Станавме непознат феномен, автократски, авторитарен да не речам и тоталитарен. Зошто, целата власт ја грабнаа само онаа претседателската не е во нивни раце, но пак целосно ја игнорираат, ја суспендираат, ја узурпираат бидејќи од почетокот на преговорите за Преспанскиот договор, Претседателот иако е првиот во меѓународната политика, иако е првиот во потпишувањето на меѓународните договори во името на Република Македонија го тргнаа, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека власта заборави дека е тука поради народот, а не заради своите кариери и бизниси. Се однесуваат како да живеат во некоја пребогата земја, наместо да се фалат со скромноста, да се скромни, но напротив тие се расфрлаат. Овој народ не заслужува таква власт.

-Ви го ветувам мојот респект, ветувам дека пред Собранието ќе се обраќам во вашето име, дека ќе ги нотирам, дека ќе ги адресирам вашите проблеми зошто кога е претседателот во прашање нема ваши и мои проблеми. Сите проблеми се на претседателката, сите проблеми се мои проблеми и јас сум должна, зошто мојот дигнитет е врзан за вашиот, зошто мојот легимитет извира од вашиот, вас да ве застапувам пред пратениците и владата, рече Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова вети отворени денови за средби за да биде поблиску до граѓаните и нивните проблеми. Само така ќе заживее правдата и правдината во Република Македонија. Само на тој начин демократијата пак ќе застане стабилно на нозе.