четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Шверц за време на коронавирус: Царината заплени заштитни маски, ракавици и антибактериски гелови      

Шверц за време на коронавирус: Царината заплени заштитни маски, ракавици и антибактериски гелови      

Во текот на минатите три недели, царинските службеници открија мигранти и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани технички производи, возило со бункер, автоделови, заштитни средства, вештачко ѓубриво, прехранбени производи, облека и фалсификати.

Привремено се задржани:

Техничка стока, автоделови и возило со бункер

– 26 парчња разни употребувани технички производи (алат и преносни компјутери), откриени при контрола на француски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажниот простор помеѓу торби со облека и храна, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 16 рисивери марка GOSPELL DVB-C HD 7600, предадени од страна на министерството за внатрешни работи, пронајдени во македонски автомобил управуван од македонски државјанин. Претходно, возачот управувајќи македонски автомобил и не застанувајќи на пасошка и царинска контрола, влегол на територијата на Република Северна Македонија на граничниот премин Блаце, преку коловозната лента за излез од државата. За настанот бил известен дежурниот царински центар со цел преземање мерки за пронаоѓање на лицето и возилото. Неколку часови подоцна лицето само се пријавило во полициската станица Долно Блаце, од каде заедно со непријавената стока бил вратен на граничниот премин.

– 1 патничко возило марка MERCEDES и 7 употребувани делови за возила, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на албански автомобил марка MERCEDES, пријавен за влез во државата, бил пронајден бункер со димензии 130x40x20 cm, сместен во подот под предните седишта на возилото. Возилото е привремено задржано, а против возачот, албански државјанин, ќе биде поведена соодветна постапка.

Во вториот случај, при контрола на грчки товарно комбе, управувано од грчки државјанин, пријавен за влез во државата, во товарниот дел на возилото биле пронајдени 5 употребувани делови за автомобили марка АУДИ (менувач, капак за менувач и глава за мотор) и 2 турбини за товарно возило. Непријавените делови се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Заштитни средства

– 1.900 хируршки ракавици, 400 заштитни маски, 96 антибактериски гелови и 2 литри средство за дезинфекција, откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блато.  Производите, чиј извоз е забранет согласно воведените мерки од Владата за превенција од ширење на вирусот „Covid 19“ (коронавирус), е пронајдена во црна вреќа сместена на задното седиште на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Вештачко ѓубриво

– 24 литри органско и минерално ѓубриво Speed B1 и Nitrogen, откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавеното ѓубриво, откриено во 24 шишиња од  по 1 литар, сместени под седиштата и во фабрички празнини под патосниците на возилото, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Прехранбени производи

– 1.435 паковки супи Подравка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во картонски кутии покриени со кеси и сместени под и позади возачкото седиште, пред совозачкото седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

Облека

– 223 машки блузи со кратки ракави, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица, се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавените производи биле пронајдени во две патнички торби, во куфер и во две кеси сместени во багажниот простор, како и во просторот за резервна гума и во потпирачот за рака меѓу предните седишта. Истите се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 1.440 пара очила за сонце и 3 детски електрични автомобили со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови и  царински инспектори од Одделението за истраги, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Тетово. Поради постоење на сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 1.680 сетови и 912 парчиња детски играчки со лого на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Кина, наменета за фирмата увозник од с. Лабуништа, Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Поради постоење на сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Мигранти

На железничката станица Табановце, откако била забележана лепена царинска пломба на еден од контејнерите натоварени на товарен воз, пријавен за излез од државата, царинските службеници во соработка со полициски службеници и претставници од Македонски железници, извршиле контрола на контејнерот при што биле откриени 5 мигранти.  Истите биле предадени на полициските службеници за понатамошна постапка.

 

Коронавирус