понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 159
home Вести

Шуковски од здружението „Илинден“во Канада: Ако на 12-ти април не се свестиме за спас на Македонија, тогаш се’ ќе биде залудно!

Шуковски од здружението „Илинден“во Канада: Ако на 12-ти април не се свестиме за спас на Македонија, тогаш се’ ќе биде залудно!

Во Македонија, за да конечно огрее сонцето, македонскиот народ треба да се свести и на 12-ти април да излезе на гласање, вели во интервју за Курир Андриа Шуковски, претседател на историско-културната асоцијација „Илинден“. Тој од родното Брајчино заминал уште на 16-годишна возраст. Во Канада е од 1970-та година и целиот свој живот и го посветува на Македонија и борбата за македонштината.

„За да се сменат работите, најпрво треба да се смени ова ненародна и немакедонска власт. Никој во историјата на Македонија не го сторил ова што го направи Заев и неговата партија.  Народот треба да се свести и обедини. На 12-ти април, треба да се обединат сите Македонци, но и сите македонски свесни партии, да настапат заедно за спас на Македонија, за да Македонците повторно бидат горди што се Македонци“, вели Шуковски за Курир.

Посочува дека во моментов, македонската младина во Канада се срами од она што се случува во „стариот крај“, како што нашинците ја нарекуваат миловно Македонија. Се чудат како воопшто ова може да се случува кај нас, затоа што вакво нешто никогаш и никаде не се случило порано.

„Ако на 12-ти април не се свестиме за спас на државата, на Македонија, тогаш се’ ќе биде залудно. Најмногу за Македонците во Македонија, но и за нашите Македонци кои живеат во дијаспората“, потенцира Шуковски, кој јавно ги повикува и сите иселеници да дадат свој придонес со пријавување за гласање и да гласаат на денот кој може да биде „да се биде или не“ ден за Македонија.

Поразително е што оваа ненародна влада дејствува и зад границите на татковината. Иселениците обвинуваат дека е јасно како ден дека Заев и неговата влада го шират своето влијание дури и преку каналите на МПЦ-ОА.

„Македонската заедница увидува дека Заев ја шири својата агентура преку православните свештеници во Канада. Ова го чини преку владиката Наум и владиката Методиј, кој е задолжен од МПЦ-ОА за овој дел од светот и Американско-канадската епархија, а тие протежираат и поставуваат свои подобни свештеници“ вели Шуковски за Курир, пренесувајќи го ставот и загриженоста на Македонците во Канада.

Ефектот е голем, затоа што црквата е и основата на функционирањето и сржта на македонската заедница, која сите радости, но и тагата, ја споделува токму во црквите кои ги изградиле нашите иселеници во Канада. Таму тие се зближуваат и дружат за време на службите и литургиите, но и во помошните простории каде се прават венчавки, свадби, крштевки, слави, разни смејени веселби, но и погреби.

„Жалам што во последните три години имаме „македонска“ влада која воопшто не се интересира за своите иселеници. Имавме огромни промени во татковината, но никој од актуелниот естаблишмент не најде ни за сходно да ни посвети внимание и да ни објасни што  се случува во и со државата. Имаме големи дилеми и загриженост за тоа што се случува во Македонија, а по информациите кои ги добиваме од медиумите и пријателите се прашуваме и дали Македонците се’ уште се конститутивен народ во сопствената држава или малцинствата сега имаат повеќе права од нив?“ прашува Андриа Шуковски.

Признава дека на дел од македонските иселеници дури и им е страв да се вратат во својата татковина, резултат на пропагандата на владејачката номенклатура која со своето дејствување и познатито манир на притвори затвори за патриотите и неистомислениците, шири страв дури и надвор од границите на татковината.

 

                                   „Илинден“ и неговата улога како мост меѓу Канада и Македонија

 

Главната улога на историската и културна асоцијација „Илинден“ која ја предводи Шуковски е промоцијата на македонската култура, од антиката до денеска. Во здружението членуваат Македонци од Егејска, Вардарска и Пиринска Макеоднија, велат нашинците во Канада. Во оваа форма која функционира денеска, организацијата е возобновена во 2010-та година.

Главната помош на „Илинден“ е насочена кон македонските цркви во милионскиот Торонто, кој припаѓа на државата Онтарио, Канада. Таму живее и најголемата македонска заедница. Официјално, во Канада има над 150.000 Македонци. Неофицијално, бројката е многу поголема.

И манастирот „Свети Илија“ во Канада е целосно обновен од здружението „Илинден“, вклучително и целиот иконостас.

Го помагаат финансиски и универзитетот „УФТ“ во Торонто, кој има и посебна катедра за изучување на македонскиот јазик. „Илинден“ им помага и на студентите од универзитетот „УФТ“, финансирајќи го усовршувањето на јазикот директно во Македонија за двајца или тројца студенти годишно.

За жал, по промената на името на државата, симптоматично е што катедрата на универзитетот престана да функционира, а никој не објаснува зошто. Државата, предводена од Заевата влада, која очигледно само декларативно го шири и помага македонскиот јазик во странство, воопшто не се ни заложила и заинтересирала околу овој проблем.

Преку своите активности, „Илинден“ се обидува да ги задржи младите во македонската комуна, помагајќи им да не заборават на своите корени. Спонзорираат фудбалски клубови, културни манифестации и се обидуваат колку можат да ја зачуваат и промовираат македoнската култура во Канада.

Секоја година, во најтиражните канадски весници, „Илинден“ спонзорира реклами за одбележување на најголемите македонски национални и верски празници, промовирајќи ја притоа и македонската заедница во државата.

Уште една придобивка од нивниот ангажман е што благодарение на „Илинден“, Македонците во Канада имаат шанса да се сретнат со познати земјаци од татковината, национално свесни  луѓе кои им помагаат во прeзентацијата на вистината за случувањата во Македонија. Вистината е дека да не беше ова здружение, никој немаше да има ваков контакт со нашинците во Канада. На овој начин, на секои два-три месеци некој ги посетува Македонците во Канада и преку личен контакт и јавни дебати им ја доловува реалната ситуација во државата, помагајќи во создавањето на вистинската слика и удирајќи контра на силната владина пропаганда која се тера преку дел од македонските мејнстрим медиуми.

Здружението „Илинден“ го помага и „Македонски манифест“ и издавањето книги, но во својата мисија за оддржување и промоција на македонштината, дава и помош на поединци, патриоти во Македонија кои се соочуваат со тешки егзистенцијални проблеми.

Другата вистина, вели Шуковски, е дека минатите три години, два-тројца министри дошле во Канада, но ниту еден од нив не пројавил никаква желба ниту интерес за каква и да е средба со нашите иселеници или да влезат во македонските цркви.

Благородната мисија на „Илинден“ продолжува, но вистината е дека кај нашите иселеници постои силна загриженост за иднината на Македонија по 12-ти април. Иако знаат дека расположението во татковинта води кон смена на ненародната влада на Заев, сите се плашат од можни малверзации со кои оваа влада и дојде на власт и кои беа и манир на нивното владеење. Парламентарните избори ги гледаат како одлучувачки момент на кој ќе се искристализира дали ќе се оди во „северна“ насока или државата ќе почне да се враќа кон Македонија, кон исконското и историското.

Не сакаат ни да помислат што ќе се случува со татковината, доколку актуелната антимакедонска номенклатура остане да владее во Македонија.

 

Љупчо Цветановски

Коронавирус