вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 6
home Вести

Штипската болница го адаптира Кожното одделение за прием на пациенти со коронавирус

Штипската болница го адаптира Кожното одделение за прием на пациенти со коронавирус

​Кожното одделение во штипската Клиничка болница од понеделник ќе прима пациенти заразени со коронавирус на кои им е потребно болничко лекување.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека утринава на состанок е договорено ова одделение, кое е и посебна зграда, комплетно да биде преадаптирано за прием на пациенти инфицирани со коронавирусот.

-Таму планираме во наредните два до три дена да завршиме инфраструктурни работи, што се неопходни се со цел од понеделник, вторник да ги имаме и тие дополнителни десет кревети таму. Предвидено е на ова одделение да се хоспитализираат полесните случаи, со полесна клиничка слика, а се со цел да ослободиме десет кревети на Инфективното одделение, кои би ги користеле за потешки пациенти, вели Ѓеорѓијев.

Забележа дека доколку се случи потешко и поцрно сценарио, во тој случај ќе бидат подготвени пациентите на кои им треба болничко лекување да ги хоспитализираат и на Интерното одделение, заедно со собата за интензивна нега.

-Ние се подготвуваме, разговараме со раководителите и доколку се јави потреба ќе мора да размислуваме и во таа насока, рече Ѓеорѓијев.

Во штипската Клиничка болница и денеска имаат позитивен случај на Ковид-19 кај здравствен работник, со што вкупната бројка се искaчи на 13 и деветмина се во изолација, поради контакт со инфицираните колеги или членови од семејството. На Инфективното одделение во болнички услови се лекуават 49 пациенти, а над половината од нив се на кислородна поддршка.

Коронавирус