четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 193
home Вести

Шапуриќ демантира дека е поврзан со невладината организација Мултикултура од Тетово

Шапуриќ демантира дека е поврзан со невладината организација Мултикултура од Тетово

Mинистерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашните претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ најенергично ја демантира веста дека има било каква поврзаност со невладината организација Мултикултура од Тетово.

Неговиот демант го објавуваме во целост: 

Од списокот на членови на оваа невладина организација јасно се гледа дека станува збор за универзитетски професори вработени или ангажирани од страна на Штуловиот универзитет во Тетово како и на други граѓански активисти и борци за човекови права.

Во еден период на својот професионален ангажман професорот Шапуриќ работел на Штуловиот универзитет, но прв пат од медиумите дознава дека бил наводно член на оваа невладина организација.

Веродостојноста на ова наше тврдење може да се провери и во Централниот регистар каде со сигурност може да гарантираме дека името на професорот Шапуриќ нема да излезе бидејќи никогаш не потпишал, ниту се согласил да биде член на органи на здружението Мултикултура.

Уште повеќе, министерот Шапуриќ, во ниту еден момент не бил во управувачките структури на оваа организација, ниту присуствувал на било каква нивна седница.

Од тие причини сметаме дека станува збор за ненамерен превид од страна на здружението Мултикултура, а за тоа како се најде името на професорот Шапуриќ на нивната web страна треба да објаснат тие.

Од порталите кои ја објавија веста бараме да го објават и овој демант.

Министерот Шапуриќ немал сознанија или информации дека постоел оглас за доделување на средства во Министерството за одбрана, ниту можел да знае за што им се доделени средствата на оваа и на останатите невладини организации.

Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции доколку утврдат било какви неправилности веднаш да реагираат и да ја известат јавноста за тоа.

Ги сметаме за тенденциозни тврдењата на одредени портали за било каква поврзаност на министерот Шапуриќ со доделување на средства од Министерството за одбрана и сметаме дека со нив се сака да се фрли дамка врз работата на Министерот за одбрана Радмила Шеќеринска во овие чувствителни моменти на влез на Македонија во НАТО, да се наруши угледот не само на овие посочени министри туку и на целата Влада, но и на ЛДП како политичка партија од чии редови е министерот Шапуриќ.

Најнови вести

Коронавирус