сабота, 27. февруари 2021. Вести денес: 92
home Вести

Сенатот на УКИМ бара историјата да остане посебен предмет, а реформите да започнат како пилот проект

Сенатот на УКИМ бара историјата да остане посебен предмет, а реформите да започнат како пилот проект

Сенатот на УКИМ на 15 јануари одржа вонредна седница поради најавениот Концепт на МОН за основно образование и донесе повеќе заклучоци во кои меѓу другото препорачува да не се избрзува со негово имплементирање, туку потребно е прво да се воведе како пилот проект, но со јасен план со промени кои ќе се надоврзат на постојните и традиционалните воспитно-образовни модели и програми, без нивно негирање и девалвирање;

Сенататот на УКИМ смета дека понудениот пристап кон „интегрирање“ претставува еклектичен обид сродните науки да се стават во еден „пакет“ на т.н. наставни предмети. Физика, хемија и биологија треба да останат поединечни предмети за да се добијат солидни основи од овие предмети за натамошното школување.

Во однос на историјата Сенатот смета дека со новиот концепт се губи како посебен предмет, а бидејќи е од исклучителна општествена важност, треба да остане како самостоен предмет.

Препорачува да нема намалување на часовите по музичко и ликовно образование за децата до шесто одделение, музичко и ликовно да останат самостојни предмети.

Воедно препораката е дека новиот Концепт треба да се воведе откако секој сегмент од реформата ќе биде усогласен меѓу сите компетентни субјекти вклучени во процесите на основното образование

Во продолжение во целост Заклучоците од Сенатот на УКИМ

I. Реформите, промените, како и осмислувањето на концептот на воспитно-образовниот систем се цивилизациски и културолошки дострел на науката и општеството, со цели и задачи кои тоа општество ги поставува пред своето сопствено образование. Реформата на воспитанието и образованието е длабоко стратешко прашање и процес на перманентно преиспитување и валоризација на воспитно-образовната политика. Следствено, избрзаните и недоволно обмислени одлуки и решенија донесени од МОН, без јавна и ефективна дебата, можат да предизвикаат сериозна штета со далекусежни последици. На вонредната седница, сенаторите упатија бројни и сериозни забелешки на Нацрт-концепцијата за основно образование. Промените во сферата на образованието треба да се креираат и спроведуваат во согласност со карактеристиките на контекстот, односно условите во кои се реализираат воспитно-образовната работа, конкретните образовни потреби и реалните можности за нивно остварување.

Оттука, Сенатот

– на новиот концепт за основно воспитание и образование гледа како на првична идеја која настојува да го усоврши и подигне квалитетот на нашето воспитание и образование, но за имплементирањето на овие генерални идеи потребно е многу повеќе време, повеќе човечки ресурси и општествен капитал, како и надоградба на основните идеи во концепцијата, но и јасен план кој ќе нѐ доведе до посакуваната цел;

– смета дека треба да се даде кус приказ на историскиот развиток на системот на основното воспитание и образование, како сеопфатен процес од 1944 година, и да се посочи врската на предложените промени со дологорочниот развој на системот;

– смета дека треба да се направат промени на Нацрт-концепцијата за основно воспитание и образование така што таа формално и содржински ќе се надоврзе на постојните и традиционалните воспитно-образовни модели и програми, без нивно негирање и девалвирање;

– смета дека треба да се даде кус преглед на меѓународните мерења на постигањата на нашите ученици (ПИСА, ТИМС) и анализа со заклучоци и предлози за унапредување на воспитно-образовниот систем врз основа на тие сознанија;

– го поддржува пристапот на започнување на промени на наставните планови и програми од прво до шесто одделение, во согласност со меѓународните стандарди на поделба по степените МСКОБ-1 и МСКОБ-2;

– се согласува дека инклузивноста, родовата сензитивност/рамноправност и интеркултурноста претставуваат вистинска насока за почетоците на градење на критички, свесни, мислечки и творечки млади личности и се единствениот пат од формативниот и развојниот период на детето кога треба да се почне со учење на тие вредности, но лапидарноста на текстот и заклучоците не соодветствуваат на важноста, особено не во деловите кои се некритички препишани и невешто преведени од референтните користени документи и системи, а одредени изрази се невешто преведени и не соодветствуваат на нашиот јазик (личен и социјален развој –индивидуален и општествен развој, формативно и СУМАТИВНО оценување??!! итн.);

·- дава целосна поддршка за основите на кои се базира предложениот концепт (фокус кон знаења/компетенции, холистички пристап, инклузивност, заштита на правата на детето, интерактивност, флексибилност итн.);

– афирмира потреба за коренити реформи во основното воспитание и образование.

II. Нацрт-концепцијата предлага спојување на предмети во кои неприродно се интегрираат теми од општествените науки, хуманистичките науки, природните науки и уметностите, особено во погорните одделенија од третиот воспитно-образовен период, без притоа да се води сметка за спецификите на науките, нивната методологија, како и содржините за нивната реализација.

Оттука, Сенатот смета дека:

– понудениот пристап кон „интегрирање“ претставува еклектичен обид сродните науки да се стават во еден „пакет“ на т.н. наставни предмети. Со синтетичкиот приод, кој наводно нуди симбиоза на одреден вид научни содржини, се изоставува ексклузивната можност на училиштето преку дидактичките преработки на соодветните науки (наставните предмети) да ги воведе учениците во светот на науките;

– потребно е да се потенцира значењето на природните науки во системот, по примерот на земјите што имаат највисоки постигања на учениците, односно да се разделат природните науки во поединечните предмети – Физика, Хемија и Биологија. Од голема важност е да се добијат солидни основи од овие предмети за натамошното школување во средното, а особено во високото образование, на полето на техничко-технолошките и природните науки;

– новата Концепција за основното деветгодишно образование треба соодветно да ги следи трите воспитно-образовни развојни периоди и соодветно на нив да ги имплементира реформските решенија (Закон за основното образование, член 8, став 1);

– иако со оваа Концепција се создаваат т.н. модули на предмети кои се однесуваат за децата до шесто одделение, сепак треба да се има предвид дека тие хронолошки одат до деветто одделение, така што во погорните одделенија се губи изучувањето на историјата како посебен предмет, кој е од исклучителна општествена важност и треба да остане како самостоен предмет;

– треба да се зголеми бројот на часови кај групата предмети опфатени со терминот општествени науки до шесто одделение;

– националните стандарди, кои се поврзани со осумте подрачја, се многу битен дел од Концепцијата, но тие понатаму не се соодветно и доволно објаснети за да биде јасно како се градат компетенциите. Интеграцијата на научните дисциплини во првите два периода, до шестото одделение, е најрадикалната промена понудена во концептот. Интегрирањето на знаењата, нивното комплементарно и пошироко контекстуално претставување и учење е единствениот услов за учење на мултидисциплинарниот/интердисциплинарниот дискурс и примена на знаењето, за разлика од партикуларизираните неповрзани знаења кои не нудат холистички приод. Она што кај нашите ученици, дури и кај студентите, е изразено и препознаено е неспособноста за мултидисциплинарно/интердисциплинарно разбирање и работење при студирањето и тимска работа во практиката. Сложеноста на конституирање на МОДУЛИ кои ги интегрираат знаењата, пред сѐ, претпоставува поинакви компетенции на наставниот кадар за ваков вид на приод и интерактивна настава;

– не треба да се дозволи намалување на часовите по музичко и ликовно образование за децата до шесто одделение. Потребен е соодветен сразмер во однос на бројот на часовите по овие предмети, наспроти останатите предмети. Понудениот еден час седмично е неприфатлив;

– двата предмета од областа на уметностите – Музичко образование и Ликовно образование – треба да бидат самостојни, заради нивната комплетно различна природа и заради различните вештини кои се совладуваат. Со модуларниот начин што се предлага, кај учениците ќе се изгубат континуитетот и квалитетот во совладувањето како на вештините, така и на комплетната наставна материја;

– интегрираниот пристап треба да се остварува на ниво на предметните содржини, за што кај наставниците по Музичко образование веќе постојат бројни позитивни искуства за интеграција, не само со уметничките предмети, но и со предметите од областа на јазиците, техничките науки, историја и др. Моделот на интегрирани предмети е посоодветен за предучилишно образование и одделенска настава, а понатаму треба да се изучуваат обликувани научни и уметнички дисциплини со свои предмети на проучување, терминологија и методологија;

– со цел квалитетно совладување на разновидните наставни содржини и вештини, но и со оглед на тоа дека токму часовите по Музичко образование претставуваат ретка можност за слобода, релаксација и изразување на креативноста на учениците, бројот на часовите треба да изнесува 2 часа неделно во сите одделенија – особено во споредба со предложениот преголем број часови по Математика (дури 5 часа наспроти сегашните 4 уште во прво одделение и во целата одделенска настава);

– за зголемување на квалитетот на наставата по Музичко образование и правилното насочување на музичкиот развој на учениците, предметните наставници треба да бидат вклучени во наставата, почнувајќи од прво одделение заедно со одделенските наставници;

– функционирањето на училишниот хор и училишниот оркестар треба да биде обврска на секое училиште и да добива целосна и сестрана поддршка од училишната администрација, општините и другите фактори, а часовите по хор и оркестар треба да бидат во фондот на часови на наставникот заради тежината и обемот на изведување на таа настава;

– за предметот Музичко образование како задолжителен, потребно е да се изготвуваат учебници, започнувајќи најмалку од вториот образовен период, со структурирано водење во различните наставни теми и содржини, особено со можностите кои ги нуди дигиталниот формат;

– треба да се имплементира програма која ќе ја третира драмската и филмската уметност и медиумската писменост, стратегиска цел во политиките на ЕУ, како суштина за иден развој на креативните индустрии и анулирање на сите евентуални медиумски манипулации.

III. Согласно со новата Концепција, наставниот кадар ќе се соочи со сериозни предизвици кои ќе бараат дополнителни обуки и насоки, континуиран професионален развој, како и оптоварување на нивната ангажираност надвор од наставниот процес.

Оттука, Сенатот смета дека:

– на сите новини во предложениот концепт треба да претходат квалитетни обуки на наставниот кадар, одржани од компентентни и стручни лица со минимум 10-годишно наставно работно искуство во воспитно-образовниот процес;

– наставниот кадар, кој треба во практика да ги спроведе сите новини предвидени со Концепцијата за основно образование, треба да биде обезбеден со најелементарните услови за работа (компјутерска опрема, интернет и сите материјали и ресурси предвидени по соодветниот предмет);

– наставниците треба да имаат еднаква можност да напредуваат во кариерата и да бидат соодветно мотивирани и наградени. Изборот во звање – наставник-ментор на само еден наставник годишно во едно основно училиште е демотивирачки, односно треба секој наставник што ќе ги исполни критериумите да биде избран и да го добие звањето;

– најнапред е потребно да се реализира опремувањето на училиштата со музички кабинети, музички инструменти, технички средства, ИКТ и сл., за квалитетна реализација на наставата по музичко образование и другите музички активности;

– истовремено треба да се опремат училиштата за изведување на кабинетска настава, како и да се создадат материјално-технички услови за реализација на изборните предмети и воннаставните активности;

– принципот на почитување на стручноста на наставникот треба да се применува и за воннаставните активности, чии содржини треба да се реализираат на високо професионално ниво;

– за воннаставните активности од областа на танцот треба да се вклучи соодветен кадар дипломиран на студиската програма за балетска педагогија (класичен балет и современ танц) на ФМУ – Скопје.

IV. Покрај конкретните претходно изнесени ставови и заклучоци, од страна на сенаторите, претставници на факултетите, научните институти и придружните членки и студентите, се усвоија и следниве генерални предлози и сугестии:

– преиспитување на брзината за имплементација и отворање широка дебата на институционална основа во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции, сѐ со цел доработка на понудената Нацрт-концепција;

– предвидување реална и оптимална временска динамика за спроведување на квалитетна реформа во основното воспитание и образование, со оглед на комплексноста на сите процеси за нејзина натамошна имплементација;

– потреба за детализирање на Концепцијата, нејзина операционализација со конкретни решенија, изготвена во соработка со релевантни институции (вклучително и единиците на УКИМ);

– поттикнување на единиците на УКИМ за давање на конкретни коментари и предлози директно до МОН, кон соодветни аспекти/детали на концептот (во смисла на нивен домен на експертиза, а како дел од тековната јавна дебата). На пр.: додавање на наставни целини од областите на театарската и филмската уметност и медиумската култура; користење на адекватни драмски техники, односно техники на глума во наставниот процес; поелаборирани начини на стимулирање на творештвото на учениците во сферата на драмските уметности;

· обезбедување широк општествен консензус, кој ќе ги вклучи сите влијателни општествени фактори, со што ќе се гарантира одржливоста на Нацрт-концепцијата за основно образование;

· со Концепцијата се третира основното образование како еден од потсистемите на воспитно-образовниот систем во целина, но без приказ на импликациите врз останатите воспитно-образовни потсистеми;

· промени на Нацрт-концепцијата за основно образование врз основа на мултидисциплинарна експертиза од страна на сите науки и дисциплини чии предмети во основното образование се доведуваат во прашање или се редефинираат;

· ставање на поголем акцент на реализација на воспитната компонента на училиштето во Нацрт-концепцијата за основно образование и обезбедување соработка и поддршка од страна на родителите;

· потребно е конкретно дефинирање на компетенциите на учениците што треба да ги постигнат, а кои во Концепцијата за основно образование во моментов не се дефинирани;

· промените какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период, кој тука изостанува;

· предлогот не содржи финансиска конструкција на предвидените реформи, ниту се дадени на увид анализите и резултатите од претходните истражувања и анкети кои го оправдуваат предложениот модел на образовна реформа во државата. Исто така, новиот концепт не предвидува ниту тестирање на моделот преку пилот-програма, како значајна фаза во имплементација на реформи во воспитанието и образованието;

· Концепцијата треба да започне да се применува како ПИЛОТ-ПРОЕКТ, а не целосно и одеднаш, во неколку избрани училишта со наставници кои интензивно ќе се обучуваат за ваков вид настава. Во првата фаза мора да се лимитираат флексибилноста и слободната елективност на предметите, за да може концептот понатаму да се надоградува;

· имплементацијата на овој концепт од септември 2021 година не треба да започне во училиштата пред да се извршат негови позитивни промени. Годинава, која се одвива во пандемични услови, треба да се искористи за доработка на Концепцијата и консултација со релевантни институции за почеток и подготовка на наставниот кадар на сите нивоа. Треба да се започне со промени во воспитно-образовниот процес со оние што ја изведуваат наставата. Нивните обуки треба да бидат насочени кон промените на наставните програми кои, всушност, се и основниот проблем на досегашното воспитание и образование;

· имплементацијата на новиот концепт за основно образование би можела да започне дури откако секој сегмент од реформата ќе биде усогласен меѓу сите компетентни субјекти вклучени во процесите на основното образование;

· остварувањето на целите во развојот на воспитно-образовниот систем треба да биде компатибилно со правците на развојот на образованието на глобално ниво, но сепак успехот зависи од општествено-културниот, економскиот и образовниот контекст на нашата држава и треба да одговори на нашите потреби, како и да биде во согласност со нашите можности.

Коронавирус