среда, 2. декември 2020. Вести денес: 62
home Вести

Секторот експлоатација на камен пред катастрофа со предложените измени на Законот за минерални суровини

Секторот експлоатација на камен пред катастрофа со предложените измени на Законот за минерални суровини

Да не беше смешно ќе беше трагично. Во предизборие се турка нарачан Закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини за задоволување на тесно партиски интереси со кои се нанесува сериозна штета на приватните субјекти во Секторот вадење камен.

Како и за сите досегашни политики кои се одликуваат со безидејност конфузност и тесно партиски нарачани измени на закони кои не водат сметка за одржлив развој, и поттикнување на економската активност, владата во заминување кој е свесна дека ќе биде катастрофално казнета на предвремените парламентарни избори на 12 Април носи измени на Законот за минерални суровини со цел продолжување на можноста за богатење и криминал од централно ниво на локално ниво, каде владејат со нивните градоначалници.

Имено, со предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини по скратена постапка се дополнува членот 40-а со кој им овозможува и на општините да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација на минерални суровини за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта, одредба која досега важеше само за Носителот на одобрението за градба односно изведувачот. Притоа се брише одредбата во Член 40-а став (7) со која се ограничува рокот на важење на времената концесија од крајниот рок во одобрението за градба во траење на 3 месеци. Сега рокот е неодреден и ќе зависи само од меѓусебните договори на општината со изведувачите за изградба на општински или државен пат.

Со оваа измена се удира по приватните субјекти концесионери од секторот вадење камен кои досега како најголеми добавувачи на сепариран камен, тампон на општините како инвеститори при изградба на државни и општински патишта, ќе останат без продажба, без работа, и треба да мислат како да ги затворат каменоломите во кои инвестирале и кои очекуваат државата да им обезбеди услови за водење бизнис, а наместо тоа се дава можност Општината да им ја преземе работата.

Но трагедијата да биде уште поголема за приватните каменоломи, предложена е уште една измена со воведување Основ за раскин на договорот за концесија доколку концесионерот екплоатира помалку од 30 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година (Член 51, став (1), алинеја 11).

Се поставува прашањето – Зошто каменоломите би имале намалено производство на сепариран камен?
Одговорот е едноставен и упатува на измената во Член 40-а, каде со доделување на времени концесии на општините за експлоатација на минерална суровина (сепариран камен и тампон), целата работа на приватните каменоломи ќе биде преземена од општините и тие не ќе можат да го реализираат предвиденото производство заради намалената побарувачка, и како финален удар заради тоа што не можат да го реализираат бараното производство, државата ќе им ја одземе концесијата.

Секторот Рударство и вадење на камен и онака мака мачи со обезбедување на сопствен опстанок заради недостаток на работна сила. Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2019 година, во однос на јули 2018 година, бележи пад од 2.1 %, покрај тоа заради непланско доделување на концесии во последните 3 години од кога оваа власт го презеде управувањето со државата каде свесно се нарушија пазарните принципи и постоечките концесионери особено каменоломите кои се три четвртини од сите доделени концесии работат на граница на рентабилност. Но ако се запрашаме зошто се доделија толку концесии без план и идеја дека тие треба рентабилно да работат, одговорот е едноставен, корумпираните институции и криминалните поединци да имаат повеќе субјекти и можност за рекетирање во постапката за доделување на концесии, а сега истиот тој рекет најверојатно ќе се префрли и на постапките за одземање на концесиите.

Многу од показателите за работењето на општините секако укажуваат дека се работи недомаќински, со промовирање на лични и партиски интереси а особено е тоа видливо во секторот вадење песок и чакал од речни корита каде општините имаат надлежност за уредување на речните корита на нивна територија
Наодите во извештaите на УЈП укажуваат на следната фактичка состојба, кои е можно да се однесува и во други случаи во оваа област, а исто така оваа состојба е и очекувана да се мултиплицира со добивањето на право на општините да добијат времени концесии за експлоатација на камен за изградба на патишта:

1. Се склучува договор за вадење песок, чакал и камен од речни корита со приватна компанија, без да постои договор за регулација на водни токови;
2. Постои договор со правно лице за вадење на песок, чакал и камен од речни корита склучен со општина со блокирана сметка;
3. Општина склучува договор за вадење песок, чакал и камен со фирма која не е ДДВ обврзник;
4. Правно лице со кое општината склучило договор нема никаква евиденција и документација за црпење на песок и чакал од речното корито, ниту води сметководствена евиденција на залиха на суровини и залиха на готови производи, со што не се обезбедува следливост и можност за вкрстена контрола на веродостојноста на податоци во самата фирма и со нивните деловни партнери;
5. Општина и ангажирана фирма за чистење на корито на река ги регулираат должничко доверителските односи со нафта;
6. При вадење, транспорт и трговија со песок, чакал и камен од речни корита и производи од истите, се употребуваат различни мерни единици, со што се намалува следливоста и можноста за ефикасна контрола, посебно при непостоење соодветна евиденција и нормативи за конверзија;
7. Општините немаат или не доставуваат (на барање на УЈП) документи и квартални извештаи за количината на ископот на чакал, како ни технички извештаи, со што се онемозвожува следливост и вркстена контрола за правилно и целосно утврдување на фактичката состојба;
8. Некои фирми ангажирани од општините имаат нефактуриран промет спрема општините и кусоци на залиха на песок чакал и камен
9. Фирмите ангажирани од општините според документите и евиденциите вадат безначително мали количини на песок, чакал и камен во однос на одобреното;
10. Фирми со голем обем на работа искажуваат мали количини на извршен ископ на песок, камен и чакал;
11. Постои значителна разлика во цените по м³ изваден материјал за различни обврзници кои вршат експлоатација на песок од речни корита;

Ваквите предложени измени, секако имаат драматични и несогледливи последици за што е потребна итна мобилизација на засегнатите субјекти и заинтересираната јавност. Дали владата во заминување и парламентарното мнозинство ќе успее во нивните налудничави измени на Законот за минерални суровини, останува да видиме, но едно е јасно казната неизбежно ќе ги стигне на 12 Април 2020 година, со што ќе се овозможи обнова на уништената економија и одговорност за виновниците кои тоа го направија.

 

Александар Брезовски

Коронавирус