недела, 22. септември 2019. Вести денес: 37
home Вести

Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на Богородица

Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на Богородица

Голема Богородица или Упокојувањето на мајката божја е еден од најголемите христијански празници. Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на пресвета Богородица, а секое петто семејство оваа светителка ја празнува како домашна слава.

Речиси и да нема село или град во земјава каде што не се слави името на мајката Божја. Според пресметката на вкупниот број на цркви во државата, околу 235 цркви го носат името на Богородица, а повеќето од нив се посветени на нејзиното Успение, празник што се одбележува токму сега, секоја година, на 28 август по новиот календар или 15 август по стариот календар.

Oвој ден кај народот е попознат под името Голема Богородица. Името на Богородица е едно од трите што најмногу се среќаваат како називи на цркви и манастири во Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Само во Скопје и во околината тоа се возобновената црква крај Вардар, манастирите во Матка и во селото Побожје, потоа уште еден манастир на Скопска Црна Гора над селото Горњани, како и црквата на Водно, посветена на Рождеството на пресвета Богородица. Наедно, Богородица се смета за заштитничка на градот Скопје.

Во црковниот календар, има најмалку пет дена од годината што ѝ се посветени токму нејзе. Тоа е нејзиното Успение, нејзиното Рождество, Воведението во храмот, Покров на пресвета Богородица, денот кога се слави нејзиното заштитништво, Благовештение – денот за веста за нејзиното зачнување и Собор на пресвета Богородица. Речиси и да нема населено место или град во Македонија во кој нема по еден храм посветен на мајката на Исус Христос. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето.

Исто така, и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на пресвета Богородица ќе добијат рожба и поради тоа ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Исус ја воскреснал Богородица На овој ден се слави заспивањето на Богородица, кое така се нарекува зашто по три дена нејзиниот син, господ Исус Христос го воскреснува нејзиното тело на небесата.

Според теолозите, на овој ден, исто како и на Велипеток, се поставува плаштаница (везено платно што симболизира погребување), но не со ликот на Исус, туку со Богородица како лежи почината и се прави оплакување со пеење Богородични статии. Во Новиот завет, како што посочуваат теолозите, не се пишува многу за раниот живот на Марија. Во Библијата не се споменуваат имињата на нејзините родители. Според други извори, традиции и верувања, се знае дека родителите на Марија се викале Јоаким и Ана, кои ѝ припаѓале на лозата на цар Давид.

Тие долго време немале деца, додека Бог не ги чул молитвите и им подарил ќерка. Според верувањата, Бог го одредил името на ќерката да се вика Марија, да биде Богородица. Со натприродното зачнување, кое се случило на празникот Благовештение, била очистена од секаков грев, бидејќи од Бог добила посебна милост. Во третата година од нејзиниот живот, нејзините родители ја одвеле во Ерусалимскиот храм за да му ја посветат на бога. Таа останала да живее во храмот, каде што била учена во тајните на пророштвата и преданието на Стариот завет и воспитувана додека не станала полнолетна.

извор: novamakedonija.com.mk