четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Сеизмолози: Да се следат земјотресите околу браните!

Сеизмолози: Да се следат земјотресите околу браните!

За да се намали ризикот од земјотреси, потребни се интензивни следења на состојбите на браните, односно вештачките езера во земјава. Стопанската комора за енергетика апелира до властите, час поскоро да се донесе Закон за мониторинг на браните. Водата која се наоѓа во акумулациите често знае да биде причина за земјотреси, појаснуваат експертите.

„Со самото глобално затоплување во државата и во светот ќе дојде до покачување на нивото на водата, а тие водени плочи ќе ги натиснат земјените плочи и притоа ќе дојде до нестабилност на таа земјена структура при што браните стануваат потенцијален проблем. На тие брани доаѓа до можност на пукање, а при тоа мора да се врши тоа мерење и да знаеме што се случува на тлото на нашата држава“, вели Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанска комора за енергетика.

Од Сеизмолошката опсерваторија во земјава велат дека постојан мониторинг се врши само на браната на вештачкото езеро Козјак. Анализата покажала дека откако тоа било изградено се зголемил бројот на слаби земјотреси во неговата близина во радиус од 10 до 20 километри.

„Подготовката на земјотресот не е брза, не е од денес за утре, туку таа може да трае повеќе години. Така што, мора да имате некаков мониторинг, набљудување и податоци за одредено подрачје за да можете да направите анализа и да знаете што може да очекувате“, рече Драгана Черних, директор на Сеизмолошката опсерваторија.

Со носењето на нов закон за брани потребно е и да се зголеми бројот на сеизмолошки станици околу нив, бидејќи низ Македонија има осумдесетина мали брани. Таму каде што имало земјотреси пак ќе има, предупредуваат експертите. Најдобар начин на заштита останува правилото – објектите да се градат квалитетно за да може да го издржат дејството на земјотресот.

ИЗВОР: АЛСАТМ

Коронавирус