среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 92
home Вести

Седумдесет и четири години од загинувањето на народните херои Kиро Крстев и Димче Мирчев

Седумдесет и четири години од загинувањето на народните херои Kиро Крстев и Димче Мирчев

Седумдесет и четири години од загинувањето на народните херои, кавадарчанецот Kиро Крстев Атанасов – Страшо и Димче Мирчев од Велес, беа одбележани денеска во Кавадарци.

Пред споменикот подигнат во нивна чест кај Градскиот парк, цвеќе положија делегации од боречките организации на Кавадарци и Неготино, кавадаречкиот Совет и музејот, месната заедница “Киро Крстев”.

Историски час одржа историчарот Марија Михова од Музеј галеријата, која во обраќање пред присутните потсети дека како искусни борци и партиски раководители Крстев и Мирчев добиле задача во Кавадарци да подготват нови младинци и симпатизери на Народноослободителното движење, за излегување во партизанските единици.

– На 6 април, во куќата на чичко Иге Златев биле одржани неколку состаноци. Бугарскиот фашистички окупатор успеал да ја открие куќата каде престојувале и за кратко време формирал три обрачи од полиција, војска и контрачетници и ја блокирал куќата. Двајцата биле предупредени од свои луѓе дека куќата е откриена за да бидат внимателни и што побргу да ја напуштат. Но, искусните и храбри борци ова предупредување го примиле сосема мирно и наместо да ја напуштат куќата, започнале да го подготвуваат своето оружје со намера во вечерните часови по првиот мрак преку паркот да го напуштат градот, рече Михова.

Во нерамната борба која започнала пред мракот и траела до раните утрински часови, учествувале близу 600 непријателски војници наспроти двајцата млади, но решителни и смели борци.

– Ноќта била единствената шанса на младите партизани.  Увиделе дека не ќе можат долго да издржат, затоа и по цена на своите животи,  се одлучиле  да се пробијат низ непријателскиот обрач. Околу полноќ, при обид да се пробие во дворот на куќата кај големата двокрилна порта, прв загинал Мирчев. Киро свесен за положбата во која се наоѓа и понатаму продолжил да дава силен отпор, чекајќи погодна шанса да се пробие. Во раните утрински часови го минал нискиот ѕид и кога се чинело дека е на дофат на слободата,  паднал смртно погоден од непријателскиот митралез, нагласи Михова.

Димче Мирчев бил роден во Велес во 1914 година. Многу рано се вклучил во напредното синдикално движење и се истакнувал како голем синдикален активист. Работел во Белград каде стекнал богато револуционерно искуство. Бил член на Комунистичката партија, началник на воениот штаб во Велес и еден од најзаслужните за формирањето на Велешкиот партизански одред ,,Димитар Влахов”.

Ќиро Крстев Атанасов – Страшо бил роден во Кавадарци во 1923 година. Се вклучил кон револуционерното младинско движење, а во 1940 година, со неполни 17 години станал член на Сојузот на Комунистичката младина на Југославија. На 18-годишна возраст бил примен за член на КПЈ. Во мај 1943 година бил еден од првите борци на Тиквешкиот партизански одред ,,Добри Даскалов”, и активно работел врз омасовувањето на Народноослободителното движење по селата во Тиквешијата.

Со рецитал посветен на нивните живот и дело се претставија ученици од Основното училиште „Тошо Велков-Пепето”.

Коронавирус