Македонија

Седница на Уставниот суд

Седница на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ќе одржи седница, а на дневен ред се четири иницијативи за оценување на уставност и законитост.

Подносител на првата иницијатива е Добра Петковска од Скопје, а е оспорен Законот за социјална сигурност за стари лица, по Решение УП.бр.1702-2488/21 на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Скопје-Кисела Вода

Станува збор за член 2, член 3 и член 4 од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата и видот на приходите, имотот и имотните права на подносителот и неговиот брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница, образецот на барањето и потребната документација за остварување на правото на социјална сигурност на старите лица

Подносителката наведува дека дел од оспорените одредби се во спротивност со член 36 став 1 од Уставот, укажувајќи дека живее во брачна заедница, а не во вонбрачна како што е наведено во оспореното Решение. Според подносителот на иницијативата Законот е во спротивност со членовите 9 став 2, 36 став 1 и 51 став 1 од Уставот.

Со втората иницијатива што е на дневен ред е оспорен Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.285/22). Доносител на актот е министерот за финансии, а подносител на иницијативата Кренар Лога.

Се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.

Адвокат Зоран Величковски од Скопје

Во одделна иницијатива, оспорен е и актот Упатството за царинска вредност 01-074865/16-0002 од 01.06.2018година и Корисничкото упатство за пребарување во каталогот бр. 01-049268/18-0002 од 21.06.2018 донесени од директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија

Подносител е адвокат Зоран Величковски од Скопје. Подносителот го оспорува тоа што на физичките и правните лица им се наметнува обврска увозните давачки за употребувани возила да ги плаќаат исклучиво со примена на податоците од германскиот каталог SchwackeNet, а тие не се објавени во Службен весник на Република Северна Македонија.

Има иницијатива со која е оспорена Одлука за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино на седницата одржана на 22.11.2023 година, број 08-841/3 од 22.11.2023 година („Службен гласник на Општина Неготино” бр.18/2023).

Подносители се Друштво за проектирање и одржување на објекти, производство, трговија и услуги РЕСУРС ЛТДИ извоз-увоз ДООЕЛ Кавадарци и Друштво за производство трговија и услуги ХЕМ-АЛИЈАНС ДООЕЛ Неготино

Според подносителите на иницијативата Советот на Општина Неготино немал законска надлежност да ја поништува постапката за избор на најповолен понудувач, туку само да дава согласност на Одлуката за избор на најповолен понудувач. Исто така, тие сметаат дека и градоначалнкот на Општината ги пречекорил своите овластувања бидејќи ја доставил оспорената одлука до најповолниот понудувач (подносителите на иницијативата) со што им го ускратил правото на жалба на понудувачот спротивно на член 15 од Уставот со кој се гарантира правото на жалба.

Во дополнувањето на иницијативата доставено до Судот, подносителите наведуваат дека Советот на Општина Неготино нема законска надлежност да ја донесе оспорената одлука туку ЈП Комуналец Неготино и сметаат дека истата е во спротивност и со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, Законот за јавни набавки, Законот за локална самоуправа, како и со Статутот и Деловникот за работа на Советот на Општина Неготино.

To top