петок, 5. јуни 2020. Вести денес: 12
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

СЕДЕТЕ ДОМА: Започна полицискиот час- вчера 263 лица не ја почитувале забраната, 102 приведени

СЕДЕТЕ ДОМА: Започна полицискиот час- вчера 263 лица не ја почитувале забраната, 102 приведени

Од 16 часот денеска започна забраната за движење на целата територија на државата и ќе трае до утре до 5 часот.

Согласно одлуката на Владата за забрана на движење за време на викендите, сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.

Земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности поврзани со производство во пластеници се изземени од забраната за движење во викенди од 16:00 часот до 05:00 часот. Другите земјоделци, од останатите подсектори (сточари, овоштари, поледелци) ако имаат неодложни активности поврзани со земјоделското производство за време за забрната за движење, треба телефонски да се јават во подрачните единици на Министерството за дозвола.

Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот на Главниот координативен кризен штаб, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.

Сите претходно донесени забрани и ограничувања, остануваат во сила.

Одлуката Владата ја донесе на својата 28-ма седница, одржана на 25 март, во насока за спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид 19.

Инаку, во текот на изминатото деноноќие (28/29.03.2020) на територијата на државата вкупно 263 лица не ја почитувале мерката за забрана на движењето, при што полициските службеници привеле 102 лица, 46 лица биле опоменати, a за останатите се изготвени соодветни записници и доставени до надлежното ОЈО.

Во текот на вчерашниот ден на 180 лица им се издадени решенија за изолација, додека 98 лица потпишале изјави за самоизолација.

Исто така, од страна на полициски службеници извршени се контроли над лица во изолација и самоизолација, при што било евидентирано дека три лица не ги почитувале овие мерки, односно не биле пронајдени во својот дом.

По однос на проверка на објекти во изминатите 24 часа извршени се вкупно 289 контроли и во три случаи е констатирано непочитување на мерките, информираат од МВР.

Коронавирус