сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 27
home Вести

Се расветлуваат нови детали: Како и кога починале мајката и синот од Велес?

Се расветлуваат нови детали: Како и кога починале мајката и синот од Велес?

Од обвинителот на Основното јавно обвинителство се добиени нови насоки за оперативни дејствија за расветлување на случајот со починатите мајка и син и припадниците на МВР постапуваат по нив, информира портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски на денешната прес-конференција.

Тој потсети за настанот кога на 6 април во 10:30 часот во нивниот стан на улицата „Ѓорѓи Војтех“, поранешна „4 Јули“ во Велес мртви беа пронајдени мајка и син, а посмртно се утврди дека мајката починала од Ковид-19.

Додевски посочи дека 79-годишната сосетка Д.М. која живее во истата зграда на ул.„Ѓорѓи Војтех“ во Полициската станица во Велес пријавила дека од соседниот стан се шири непријатна миризба.

-Униформирани полициски службеници и припадници на ТППЕ Велес влегле во станот каде во една од просториите ги пронашле починати К.М.(78) и нејзиниот син В.М.(52). Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство. По наредба на Основен јавен обвинител телата се предадени на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Извршен бил увид на местото на настанот, при што, од соседите се добиени oперативни сознанија дека, последен пат се видени во првата половина на месец јануари, посочи Додевски.

Тој појасни дека по наредба од јавен обвинител, екипа од Институтот за судска медицина извршила дополнителен увид на местото на настанот.

-Известени сме дека смртта кај лицата настапила пред три до пет недели од моментот кога се пронајдени. Имаме и известување од „Електродистрибуција“ Велес дека, на броило од нивниот стан последен пат е регистрирана потрошувачка на електрична енергија во месец јануари. Од обвинителот се добиени нови насоки за оперативни дејствија за расветлување на случајот и припадниците на Министерството за внатрешни работи постапуваат по нив, рече Додевски.

Да потсетиме, додаде, сето тоа се случува поради различни информации и тврдења за тоа кога починале мајката и синот, дали три до пет недели пред да бидат најдени на 6 април или можеби порано, бидејќи последен пат од соседите биле видени во првата половина на јануари. Сето тоа доведе до полемики и бранување во јавноста дали можеби мајката е прв случај на заразен со Ковид-19 многу порано пред да биде регистриран првиот заболен од Ковид-19 во земјава. (МИА)

Коронавирус