сабота, 10. април 2021. Вести денес: 63
home Вести

СЕ ПОЛНАТ ЛИ КАСИТЕ НА ШТЕТА НА ДЕЦАТА: Родители реагираат за хаосот во градинките, МТСП молчи

СЕ ПОЛНАТ ЛИ КАСИТЕ НА ШТЕТА НА ДЕЦАТА: Родители реагираат за хаосот во градинките, МТСП молчи

Коронавирусот го намали бројот на деца кои одат во градинка, а го намали и бројот на деца кои може да се примат во градинка согласно протоколите. Токму истите протоколи и натаму создаваат голем број проблеми, иако надлежните институции претставуваат дека во градинките нема никакви проблеми по однос на функционирањето.

Информациите до кои дојде Курир ја откриваат другата страна, а истите се шокантни. Според нив, се чини дека буџетите на општините се полнат по наредба на Министерството за труд и социјална политика, а на штета на децата.

Повеќе родители и вработени во дел од градинките се обратија до нашата редакција кажувајќи ги проблемите со кои се соочуваат.

Имено, во некои градинки во главниот град нема место за децата кои плаќале половичен месечен надоместок, па на родителите им било кажано дека нема да бидат примени и да побараат место во некои од клоновите на градинката.

Родители кои своето дете во септември го запишале во градинка во Центар, иако не го носеле, од градинката им посочиле дека мора да плаќаат дел од месечниот надоместок. По нивното контактирање на градинката за детето кое треба да ја посетува јасли групата, добиле одговор дека нема место и истото да го побараат во некоја од клоновите на градинката. Им било посочено да го однесат таму каде ќе најдат место, па при првото ослободување ќе може да го вратат во првично избраната градинка.

-Како моето дете да го носам на адаптација во една градинка каде има место, а потоа да го префрлам во таа која на избравме, и тоа за кратко време. Свесни ли се тие вработени, или ли педагози и детски психолози да им кажат како тоа ќе влијае на децата. Денеска во една средина на адаптација, за две недели или месец во друга градинка, реагира мајка на 18-месечно бебе.

Со слична ситуација се соочиле и други родители. Велат доколку градинките знаеле дека ќе се соочат во вакви ситуација воопшто не требало да им наплаќаат на родителите.

Други родители посочуваат дека уредно си плаќале целосен месечен надоместок за градинка и дека нивните деца ја посетувале истата периодов. По случај на настинка, болест или изолација поради позитивно лице во семејството, децата не ги носеле во градинка меѓу две недели и еден месец. Велат, откако тој период поминал од градинките во кои одат децата им било кажано дека нема место, бидејќи во периодот на отсуство некое друго дете влегло на нивно место.

Со вакви и слични проблеми родителите се соочуваат секојдневно. Воспитувачките и негувателките во градинките се на првата линија при соочување со родителите, но и тие имаат што да кажат. Неколку вработени од повеќе скопски градинки, кои поради страв за своето работно место, побараа од нас да останат анонимни, велат дека МТСП на секои два- три дена им праќа инспекции. Во дел од градинките било наложено дека не смеат да имаат ниту празно крветче, ниту креветче повеќе согласно протоколите.

-Се случуваат ситуации кога родителите реагираат со право. Ако некое дете оправдано отсуствува кусо време и за тоа сме известени, ние мора да го пополниме неговото место со друго дете чии родители ќе плаќаат полн месечен износ за престој. И кога првото дете ќе треба да се врати, за него нема место. Вистински хаос е, реагираме до нашите претпоставени, но во најголем дел и тие креваат раменици. Викаат има наредба да се полни буџетот, открива една вработена.

Одговор за овие тврдења уште во петокот побаравме од МТСП, но до овој момент од Министерството молчат.

Како ќе се регулира престојот на децата во градинките во наредниот период, откако се повеќе родителите најавуваат враќање на децата не е познато. Дали се размислува за зголемување на бројот на капацитетот, дали градинките ќе работат под исти протоколи како досега или можеби се размислува за редуцирање на капацитетите или затворање на градинките поради се поголемиот број новозаболени од Ковид-19, нема одговор.

Во меѓувреме очигледно ќе остане праксата полнење на буџетите на штета на децата.

Коронавирус