недела, 11. април 2021. Вести денес: 27
home Вести

Самохрана мајка секој месец преживува голгота: Со сите предизвици се бори сама, а извршителите се без милост!

Самохрана мајка секој месец преживува голгота: Со сите предизвици се бори сама, а извршителите се без милост!

Има едни жени кои се борат како лавици, има едни жени кои се борат со животната сага, има едни жени кои сами се борат и од ништо-нешто да створат.

Оваа приказна мораше вака да започне за да ја објасниме голготата низ која поминува една самохрана мајка од Скопје.

Секој ден се бори со ударите од секојдневието што носи. Секој ден ги трпи неправдите.

КУРИР ја пренесува приказната на С.А. самохрана мајка од Скопје. Има две деца, ниска плата, големи сметки, а најголем обрач на вратот се извршителите кои бескомпромисно и без простор за договор и олеснување, ја исцрпуваат финансиската и психичката сила на оваа мајка.

Идентитетот на мајката, како и на извршителите, се познати на редакцијата на КУРИР. Засега истите, од оправдани причини нема да ги објавиме јавно, но доколку се јави желба за слух од надлежните, да помогнат, располагаме со сите потребни информации и документи.

-Јас  сум самохрана мајка на две малолетни ќерки. Живеам под кирија, сама се борам за да им овозможам на децата нормален живот, храна, облека и греење. Нормално да ја следат наставата он-лајн, материјали кои им ги бараат од училиште и не сакам да се почувствуваат ништо подоле од другите нормални деца со нормални социјални примања. Плаќам кирија која воопшто не е мала, морам да платам и не смеам да задоцнам со интернет кој им е неопходно потребен за да ја следат нормално наставата. Борбата е многу тешка и мене како на мајка која сум го запоставила воопшто социјалниот и љубовен живот, а сум се посветила само на тие две деца, вели мајката во изјава за КУРИР.

Првично, со овие трошоци јасно ни е дека се соочуваат голем број на мајки во Македонија. Но, оваа скопјанка се бори сама, со ниски примања, без помош од никого. Извршителите ни сами не знаеле да објаснат дали смеат да земаат една третина или една петтина од нејзината плата. Така, во тој лавиринт на проценки, ја оставаат на работ на егзистенцијата.

Од нејзината плата, една петтина е 3400 денари.

-Работам и имам околу 17.000 денари плата, а имам извршител кој ми одзема околу 4000 денари секој месец и на крајот ми остануваат околу 13.000 денари и верувајте јас не знам што попрво да платам со тие минимални средства. Дури до толку не наидувам на емпатија кај извршителите што се чувствувам како да се свртел цел свет против мене и моите деца. Таткото на моите деца не плаќа никаква алиментација за нив, па дури и еднаш неделно ако ги земе или сами одат кај него, ги остава на мајка му и цел ден не ги погледнува. Тоа му е татковска обврска, но и таа не ја извршува, вели самохраната мајка во изјавата за КУРИР.

Од таткото на децата нема поддршка, но ниту институциите не покажале волја да помогнат на ваквите случаи. Самохраните мајки се борат сами, а наместо да биде нивен сојузник, државата им станува противник.

Мајката чија приказна ја раскажуваме има прекрасна професија, која за жал, во Македонија е многу ниско платена.

Минатиот месец доби висока сметка за струја, која сама не можеше да си ја плати. Но, се снајде, како што тоа го прави секој месец – борејќи се!

Зошто секој месец да биде борба? Зошто да биде сама и секој ден да преживува голгота? Таа заслужува нормален живот, а нејзините деца заслужуваат среќна и безгрижна мајка.

Институциите се на потег!

 

 

 

Коронавирус