вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 69
home Вести

Самит на ЕУ: Од 82 страници од стратешкиот документ само неколку реда за проширувањето

Самит на ЕУ: Од 82 страници од стратешкиот документ само неколку реда за проширувањето

Од вкупно 82 страници на стратешкиот документ за самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 9 мај во романскиот град Сибиу, само неколку редови се посветени проширувањето.

Европската комисија денеска ги презентираше своите препораки за тоа кои треба да бидат приоритетите на следниот состав на европската извршна власт, оценувајќи дека проширувањето кон Западниот Балкан не треба да се запостави, јави МИА од Брисел.

Во пресрет на средбата на 27-те земји членки на ЕУ во Сибиу, Европската комисија ги објави своите препораки за политиките кои смета дека треба да бидат приоритет за ЕУ со оглед на сѐ поголемата глобална неизвесност.

– Должност на секоја генерација е да ја смени судбината на Европејците на подобро, за да го исполниме нашето ветување за мир, напред и просперитет, изјави претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер,.

Документот насловен „Придонесот на Европската Комисија за стратешката агенда на ЕУ 2019-2024“ ги набројува клучните домени во кои Комисијата смета дека идниот состав треба да започне или да продолжи со работа, како и начинот на кој треба да се комуницира за Европската Унија со европските граѓани.

Иако од вкупно 82 страници, само неколку редови му се посветени проширувањето, тоа не изостана од овој стратешки документ, во кој Комисијата потсетува дека Европската Унија мора да ја зајакне својата положба во светот за да може да ги гарантира своите вредности, безбедност и просперитет.

– За ЕУ исто така треба да биде приоритет развојот на силни врски со блиските соседи, базирани врз јасен баланс на права и обврски. Ова подразбира поддршка за трансформацијата на Западниот Балкан преку кредибилна политика на проширување, во која ЕУ мора да си ги исполни ветувањата, стои во документот.

Европската комисија потсетува дека во овој состав се обновени напорите кон регионот на Западниот Балкан, меѓу другото преку стратегијата за регионот од 2018 година, чија цел е да покаже дека процесот на проширување е „цврст и кредибилен“.

Европската Унија треба да биде водечка сила во светот преку залагање за мултилатерален систем базиран на правила и да ги промовира своите темелни вредности – човековите права, владеењето на правото, одржливиот развој и почитување на меѓународното хуманитарно право.