сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 77
home Вести

Русија ја регистрираше вакцината „Спутник Лајт“ – еве колкава е нејзината ефикасност

Русија ја регистрираше вакцината „Спутник Лајт“ – еве колкава е нејзината ефикасност

Еднокомпонентната вакцина против коронавирус „Спутник Лајт“ е регистрирана во Русија, а нејзината ефикасност е 79,4 проценти, што е поголема отколку кај многу вакцини со две дози, соопшти Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ).

За регистрацијата на оваа вакцина соопштија и Министерството за здравство на Русија и Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.

„Ефикасноста на вакцината е 79,4 проценти од 28-от ден по имунизацијата. Стапката на ефикасност од околу 80 проценти ги надминува стапките на ефикасност кај многу вакцини со две дози“, се вели во соопштението.

Според лабораторискитео истражувања на центарот „Гамалеја“, вакцината „Спутник Лајт“ е ефикасна против сите нови видови на коронавирус.

„Не се регистрирани сериозни несакани ефекти по имунизацијата со вакцината „Спутник лајт“, се додава во соопштението.

Како што истакнуваат, „Спутник лајт“ не бара посебни услови за складирање и логистика, а цената е прифатлива – помалку од 10 долари.

Примената на единечна доза, пак, овозможува голем број луѓе да се вакцинираат за кратко време.

Шефот на РФПИ, Кирил Дмитриев изјави дека „Спутник В“ останува главно средство за вакцинација против коронавирусот во Русија, додека еднокомпонентната вакцина „Спутник лајт“ ќе се извезува во странство.

Рускиот фонд соопшти дека повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот до 5 мај ја примиле првата доза на вакцината „Спутник В“.

„Случаи на церебрална синовенска тромбоза (ЦВСТ) не се пријавени“, се вели во соопштението.

Нагласено е дека производството на вакцината ги исполнува најстрогите стандарди со темелна процедура со четири фази на прочистување на вакцината. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија