понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 85
home Вести

Рударство за реорганизирање

Рударство за реорганизирање

Рударството треба да претставува еден од столбовите за раст на економијата во Република Македонија, но за жал во последните три години сведоци сме на негативниот тренд кој го прати, што доведе до сериозни проблеми. Наместо да придонесува за развој на економијата, рударството како гранка е изгубено во неприменливи законски решенија, кои пак влеваат несигурност кај концесионерите и одвраќање на инвеститорите за вложување во овој сектор.

Гледајќи го проблемот од повеќе аспекти, начинот на водење на геолошките истражувања, случувањата во последните три години со кои се наруши довербата кај локалното население во делови каде се најавува отворање на нови рудници, а поттикнати од невладини еколошки здруженија како и еколошки политички партии-партиципиенти во власта, нивната неедуцираност и непринципиелниот став спрема рударството, јасно е дека е  време за целосно реорганизирање и уредување на геолошките истражувања и рударството во државата.

Ова што сега се случува со рударството е резултат на фактот дека во еден сегмент од живеењето владеат некомпетентни и  несоодветно едуцирани луѓе. Луѓе со недоволно познавање од одредени области во геолошко-рударските науки, како и без соодветни валидни докази и испитувања за заштитата на животната средина. Затоа така едноставно се бара од надлежните органи на државата без многу транспарентност и запознавање на населението да не се доделуваат концесии или дозволи за експлоатација, како и одземање на концесии за експлоатација на минерални суровини, без притоа да се води грижа за одржливо рударство и поседување на сопствени суровини, како што е случај во поголем дел држави во соседството и пошироко. Во нашите соседни земји имаме добро развиено рударство, додека  Република Турција своите минералните суровини ги обезбедува од домашните рудници во целост,  што е многу важно за стабилноста на една економија.

Нарушеноста на функционирањето на рударството јасно зборува за потребата за негово регулирање.  Изгубена е довербата кај населението, посебно со најавите за претстојните измени кои ќе направат дополнителен хаос. Играјќи за политички поени, се игра на многу лоша карта.

Време е концептот за вршење на геолошките истражувања и рударството во Република Македонија да се промени во целост со помош на Закон. Со регулирање на овие две професии во целина, како оперативно така и научно, треба да се изврши реорганизација на надлежностите, да се води сметка за правилно планирање при вршењето на геолошките истражувања (мапирање на земиштето по приоритет) и експлоатирањето на минералните суровини како и поголема присутност на државата на терен. Сето ова треба да претрпи сериозни промени, за да се врати во нормала, а тоа ќе резултира со поголем економски бенефит за нашата држава.

Од друга страна пак здрава животна средина подразбира и заштита на почвата, водите и воздухот. Ова се постигнува преку регулирање на геолошките истражувања, планска, рационална и одржлива експлоатација на минералните суровини, но секако  водејќи целосна грижа за примена на нормативите за заштита на животната средина како и подигање на степенот на контролата во фазите на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини.

За непринципиелниот пристап кон природата доволно е да се спомене масовното празнење на хидроакумулациите за производство на електрична енергија. Спомнувајќи за проблемот од аспект на произведена електрична енергија од хидроакумулациите, без притоа некој да објасни каква катастрофа е нанесена со сериозното нарушување на водениот биланс на испразнетите акумулации, е страшно. За да и биде појасно на јавноста, потребно е да се објасни  што претставува биланс на водите на еден слив! Билансот на води во еден слив е сочинет од врнежи (дождови и снег), испарување од слободна водена површина и евапотранспирација, подземно истекнување и количината на вода која се испушта за биолошки минимум и производство на електрична енергија, при што се води сметка да не настане пореметување на влезните во однос на излезните води во акумулацијата. Само за потсетување со непланското црпење сите знаеме се што се случи со Дојранското езеро? Колку  време беше потребно да се нормализира нивото на водата во истото, а да не зборуваме што се случи со измената на флората и фауната во него!?

Во конкретниот случај на масовното празнење на хидроакумулациите за производство на електрична енергија нашите еколошки здруженија, како и еколошките партии – партиципиенти во власта беа без реакција. А последиците од испразнетите акумулации преку промена на биодиверзитетот во нивната околина ќе ги чуствуваме во годините што доаѓаат.

 

Д-р Костадин Јованов, дипл.инж.хидрогеолог

 

 

Најнови вести

Коронавирус