вторник, 22. мај 2018. Вести денес: 71
home Вести

РСБСП: Не си фраер ако загинеш на матура!

РСБСП: Не си фраер ако загинеш на матура!

„Не си фраер ако загинеш на матура“ – ова е пораката што секоја година Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја упатува до сите матуранти.

Славењето на матурата е посебно важна за секој матурант, за неговото семејство, за неговите најблиски. Иако, според убедувањата на многумина, последниве години, на овој настан му се придава и поголемо значење отколку што тоа треба да биде, сепак факт е дека од секогаш овој настан предизвикувал посебна возбуда кај матурантите и нивните најблиски.

Важноста на настанот, повеќе или помалку, никој не ја оспорува. Она што посебно загрижува е начинот на кој се прославуваат матурските вечери: се организираат автомобилски трки по улиците и на патиштата, се управува моторно возило без возачка дозвола, се управува моторно возило под дејство на алкохол, се беснее по улиците, се прават фотографии и се постираат „луди Фејсбук статуси“ додека се управува со возилото. Ова, дефинитивно не е вистинскиот начин да се демонстрира матурата на дело.

Сообраќајната статистика и искуствата на сообраќајната полиција од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот.

Одговорноста за ваквата појава првенствено е кај младите, но и кај нивните родители. Одговорноста на родителите за однесувањето на нивните деца во вечерните часови додека траат матурските прослави е најголема. Во тие мигови, младите неретко се одлучуваат да седнат зад воланот, а сѐ уште да немаат возачка дозвола. Си дозволуваат веселиот амбиент и изобилството алкохол да ги извадат на површина вишокот енергија и желбата за докажување, а покачениот адреналин да ги наведе на брзо и агресивно возење. За да се спречи трендот на зголемено девијантно однесување на младите во сообраќајот, родителите треба да преземат воспитни мерки кон своите деца, односно преку разговор и позитивен личен пример да им укажат на децата за последиците од неодговорното учество во сообраќајот.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека сообраќајните незгоди претставуваат една од водечките причини за смртност кај младите луѓе. Годишно, во светот, околу 400000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи, секој ден околу 1100 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди.

Во Република Македонија, според податоците за 2017 година, вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди е 155, од нив, 36 се на возраст до 24 години, а околу 2.100 лица, исто на возраст до 24 години, настрадале, односно се повредени во сообраќајни незгоди.

РСБСП упатува апел до матурантите да не управуваат моторно возило за време на матурските прослави бидејќи на тој начин го загрозуваат сопствениот живот, но и животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот.

РСБСП упатува апел и до родителите да покажат повисоко ниво на свест и поголема општествена одговорност со тоа што нема да им дозволат на своите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил, ниту да дозволат да бидат возени од друг матурант. Со тоа ќе спречат животот, здравјето и иднината на нивните најмили да бидат загрозени и доведени во прашање. Само една грешка и еден момент на невнимание може да биде фатален, а последиците ненадоместливи.

Апелот на РСБСП е: Без автомобил за безбедни и весели матурски прослави! Не дозволувајте моментите за славење да се претворат во трагедија. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и возете одговорно.