петок, 28. јануари 2022. Вести денес: 148
home Вести

Родителите на Петар, момчето кое стана вирално за неколку часа – побараа видеото да се избрише од социјалните мрежи

Родителите на Петар, момчето кое стана вирално за неколку часа – побараа видеото да се избрише од социјалните мрежи

Симпатично видео на кое момче по име Петар со целата своја детска искреност и наивност раскажува дека не сака да јаде грашок кога оди на планинарење, ја расположи и ја освои јавноста вчера.

Видео клипот за многу кратко време се прошири на социјалните мрежи и достигна голема гледаност, но сепак, и покрај позитивната енергија која ја пренесе, ,,Фокус” дознава дека родителите на Петар не сакале истото да се споделува.

Наша позната водителка и инфлуенсерка која како и илјадници други граѓани го споделила видеото на својот социјален профил, раскажа дека мајката на момчето ја контактирала и побарала од неа да ја тргне објавата.

-Мајката побара да го тргнам видеото, бидејќи, како што вели, сепак е дете. Ја испочитував и го тргнав, таа е негова мајка, но во секој случај видеото има многу споделувања, се објави и во повеќе потрали – ни кажа таа.

Инаку, неофицијално, видеото прв го објавил другар на таткото на момчето, по што започнало преземањето од оние кои сметале дека е интересно и забавно, и кои генерално, без лоша намера, не ни помислиле дека евентуално треба да се добие согласност од родители, за да се споделува видео клип со дете.

На социјалните мрежи веќе започнаа и полемиките околу тоа дали јавноста смеела да го споделува видеото, дали и какви штети тоа може да предизвика, односно дали може да иницира сајбер – булинг и да влијае негативно врз момчето.

Иако во помал број, но актуелни се и коментари околу тоа дали дете кое наоѓа замерки на понудената храна е разгалено, со што се испоставува дека момчето сепак, иако не по своја вина, се најде на мета на невкусни коментари и критики, и прашање е како тоа може да влијае врз неговата детска психа.

Со цел да го дознаеме ставот на родителите по повод објавувањето и масовното споделување на видеото со нивното дете, „Фокус“ ја контактираше мајката, но до објавата на веста таа не одговори на нашите прашања.

Коронавирус