понеделник, 21. септември 2020. Вести денес: 24
home Вести

Родителите изреволтирани прашуваат за што плаќаат: Градинките затворени, а сметките пристигнуваат селективно!

Родителите изреволтирани прашуваат за што плаќаат: Градинките затворени, а сметките пристигнуваат селективно!

Градинките на територија на цела Република Македонија се затворени веќе три месеци. Дечињата не ги посетуваат предучилишните установи, објектите се затворени, никој не доставува храна, не се трошат струја и вода…. А сметки секој месец пристигнуваат кај родителите.

За месец март, бидејќи неколку денови беа работни, сметките во дел се оправдани. Но, логично се поставува прашањето: За што плаќаат родителите во месеците април, мај и јуни?

Револтот кај родителите кои ја контактираа редакцијата на КУРИР е голем. Велат дека во време на епидемија е намален семејниот буџет и сите минуваат низ тежок период. Не им е јасно за што покриваат трошоци и зошто сметките во целост стигнуваат само во неколку скопски општини.

Стапивме во контакт со неколку родители од општина Аеродром. Изреволтирани се што постојано добиваат потсетници да ги платат сметките за месеците кога нивните дечиња НЕ одат во градинка. Пораките со сумата која треба да се исплати до нив стигнуваат од воспитувачките. Вработените, пак, велат дека се притиснати од управата да ги известуваат родителите дека сметките мора да се платат.

По разговорот со дел од родителите, КУРИР стапи во контакт со учителка вработена во градинка во Аеродром. Замоли да остане анонимна, стравувајќи да не ја загуби работата.

-Родителите често го покажуваат револтот кон нас бидејќи ние им ги праќаме сметките овие месеци додека дечињата се дома. Но, мене тоа ми е наредено од претпоставените. Дури и по неколку пати во месецот ми даваат насока да ги потсетам родителите дека треба да платат. Дел од родителите прашуваат зошто нивните дечиња не се ослободени од плаќање како што тоа го направија во други општини, но сепак не сум компетентна да им го дадам тој одговор. Јас знам дека се во право, но не можам да помогнам никако, вели воспитувачката.

Аеродром е една од општините која не собра совест и сила да ги ослободи родителите од давачки. Општината не покажа грижа да им олесни на родителите во овие тешки времиња.  Напротив, од таму ги притискаат првите луѓе на градинките, тие да пренесат на вработените, а тие на родителите. Буџетот да се наполни без разлика што трошоците кои овие месеци ги имаат за функционирање на градинките се сведени на минимум.

КУРИР веќе трет ден чека одговор од Аеродром, но од таму очигледно нема слух за овој проблем.

-Сметките си стигнуваат како да е се нормално и како градинките да функционираат. Не стигнува целосната сметка, уште тоа фали. Сметките изнесуваат околу 520 денари колку што плаќаме ако градинките работат, а ние на своја волја не ги носиме децата. Но, во такви услови, градинките се во функција, вработените на работа, обезедена е храна за децата… па разбирливо е. Не можам да сфатам што плаќаме сега? Ве молам прашајте го Марин да ни каже за што ќе се трошат парите? Зошто не го следеше примерот на некои други градоначалници кои покажаа доблест да ги ослободат родителите, вели мајка на дете запишано во градинката „Пчелка“ во Аеродром.

-Не можам да сфатам за што плаќаме. Нека кажат за што ни бараат пари? Јас останав без работа во кризава, не можам да барам нова работа бидејќи немам кој да ми го чува детето додека градинките се затворени. И бараат да плаќаме. Што плаќаме, не знам?! Можеби за нив не се ништо 500 денари, но за некој што нема се многу пари, истакна мајка на детенце запишано во градинка во Аеродром.

До нашата редакција пристигнаа поплаки и од родителите од Кисела Вода и од општина Карпош.

И во Кисела Вода сметките стигнуваат, а родителите не знаат за што плаќаат.

-Моето дете е дома повеќе од 3 месеци. Секој месец ми стигнува сметка, односно во групата на Вибер учителката ни ги праќа сумите кои треба да ги платиме. Побаравме одговори за што плаќаме, но тие велат дека не знаат, дека така им е кажано да пренесат. Дел од родителите рекоа дека нема да платат затоа што градинките немаат никаков трошок. Дел, пак, плаќаат затоа што во спротивно градинката нема да им ги прими дечињата кога ќе се отворат установите, а тие ќе мора да се вратат на работа, вели татко на дете од градинка во Кисела Вода.

КУРИР стапи во контакт со негователка од општина Кисела Вода. Рече дека за сметките не може да зборува бидејќи таа само препраќа пораки, но загрижена е за состојбата.

-Седевме дома кога состојбата со коронавирусот беше стабилна, а сега планираат да се враќаме на работа кога состојбата е страшна. Јас сум негователка, јас ранам и пресоблекувам мали деца, ги носам во тоалет. Се тестирав и негативна сум, но со страв ќе се вратам на работа, верувајте. Над 3000 заразени и многу починати, а ние глумиме дека се смирила состојбата и ставаме голем број на мали дечиња во една иста просторија, рече таа.

На барање на читатели пративме прашање и до општина Кисела Вода зошто не се одважиле да ги скратат сметките, но од таму одговор чекаме веќе трет ден.

Ниту општина Карпош не ги ослободи родителите од надоместок. Таму ситуацијата е чудна бидејќи дел од градинките праќаат сметки, дел не.

-Учителката ни прати по две суми кои треба да ги платиме, тоа е за месеците април и мај, за јуни уште немаме добиено. Моја сосетка чие дете е во друга градинка во истата општина вели нема добиено сметка. Па не ми е јасно зошто сите не сме ослободени? Каква е оваа селекција. И не ми е јасно што плаќаме. Нека ни кажат какви трошоци имаат овие месеци па толку им дојде итно да не тераат да плаќаме, вели мајка на детенце од градинка во Карпош.

КУРИР и од општина Карпош побара образложение, но и од таму молк!

Овие општини се должни да им објаснат на граѓаните зошто се прави притисок за брзо плаќање на сметки додека градинките се затворени и зошто родителите не се ослободени како родители од други општини?

Цените на услуги за градинките ги одредува самата општина. МТСП има подготвено правилник, но понатаму нема надлежност да прави корекции или ослободувања. Тоа можат да го направат општините, но очигледно Аеродром, Кисела Вода и Карпош немаат слух за проблемите на родителите.

Златко Марин, Филип Темелковски и Стефан Богоев се на потег.

 

Коронавирус