петок, 11. јуни 2021. Вести денес: 138
home Вести

Родител на затруено дете од градинката во Куманово во изјава за КУРИР тврди: Близу 100 дечиња побарале лекарска помош само во текот на викендот

Децата се примени во детскиот оддел и педијатријата, а медицинскиот персонал трчал на сите страни и не можел да постигне со прегледување на дечињата, тврди родителот.
Родител на затруено дете од градинката во Куманово во изјава за КУРИР тврди: Близу 100 дечиња побарале лекарска помош само во текот на викендот

Родител на едно од затруените деца во кумановската градинка „Ангел Шајче“ во изјава за КУРИР тврди дека близу 100 дечиња се затруени, а не како што се тврди дека станува збор за околу 30-тина дечиња.

Резултатите се очекуваат да бидат готови до среда, а утрово 90 проценти од упатите за во лабораторија биле од оваа градинка.

-Децата се примени во детскиот оддел и педијатријата, а медицинскиот персонал трчал на сите страни и не можел да постигне со прегледување на дечињата, тврди родителот.

Тој додава дека во саботата и неделата околу 100 дечиња се пожалиле на труење и дека не вистинита информацијата за само 30-тина дечиња кои се затруени.

-Самиот доктор во неделата сабајле кој работеше во ургентниот центар ни рече дека над 50 дена вчера биле донесени и примиле инфузија, додава родителот во изјава за КУРИР.

Инаку затруените деца се на возраст од две до шест години и се од три објекти од градинките „Пчелка“, „Синоличка“ и „Кокиче“, а како симптоми имале повраќање, дијареја, болки и грчеви во стомакот како и температура.

Дел од родителите пак, ги одвеле децата на лекување во Скопје.

Директорката на градинката, Марина Алексовска, пак  на прес-конференцијата, изјави дека ги чекаат податоците од анализата на надлежните од Државниот санитарен здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и на епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје Куманово кои сè уште се во објектот „Пчелка“ и земаат брисови и потребни материјали за епидемиолошкото истражување. Токму во овој објект се подготвувала храната за потребите на децата од овие три градинки, која од денеска официјално е затворена за работа, соопштија денеска и надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– Во петок две деца пројавија симптоми на температура, дијареја, ги повикавме родителите, ги зедоа. Оттогаш немаме информации дека имало јавувања на наши деца во болницата во Куманово. Во недела навечер разбрав и се слушнав со Центар за јавно здравје, со ДСЗИ и со АХВ, рекоа дека денеска ќе дојдат и ќе почнат со епидемиолошко истражување на случајот, изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.

Таа појаснува дека не можат да потврдат за што конкретно станува збор, бидејќи треба да се направат микробиолошки анализи, да стигнат резултати од брисови, од кујната и од други места. Алексовска информираше дека и самите одлучиле кујната да престане со работа, уште вчера, а денеска официјално е затворена од соодветните институции.

– Одговорот ќе го дадат овие три институции кога ќе се заврши целосната анализа, вели Алексовска. Според списокот на јадења во четвртокот и петокот децата консумирале различна храна.

Таа апелираше до родителите на децата да не се грижат, децата се безбедни, храна ќе добиваат од втората кујна, информирајќи дека досега во градинката немало вакви проблеми и дека кујните се реновирани со високопрофесионална опрема.

Претходно, од кумановката болница потврдија дека триесетина деца за време на викендот биле прегледани, им била дадеа соодветна терапија, три од нив се лекувале на детското одделение.

Според првичните податоци, од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека кујната која е централна и во која се подготвуваат 350 оброци дневно за дополнителни два објекти е затворена, а ќе бидат забранети за употреба и занималните од групите во кои се регистрирани децата со симптоми.

– Во кујната и помошните простории утврдена е фактичката состојба во однос на хигиената на просторот, опремата извршена е дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведени се санитарни прегледи на вработените, земени се седум брисови од површини и вработен. Во тек се вонредни инспекциски надзори во останати два објекти каде се дистрибуирала храната од оваа кујна и има пријавени деца со симптоми на труење со храна, соопштија од ДСЗИ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека по телефонско јавување од ЦЈЗ Куманово направена е вонредна инспекциска контрола во детската градинка „Ангел Шајче“ во соработка со соодветни институции. Земени се мостри од затекната храна во фрижидерите и од работните површини.

– Станува збор за настан за кој постои сомневање за труење од храна од четврток, велат од АХВ.

Од надлежните институции Државен санитарен здравствен инспекторат, од Агенцијата за храна и ветеринарство и од епидемиолошката служба најавија детални информации по добиените резултати од земените брисови, мостри од храната и по целосната епидемиолошка анализа.

Инаку КУРИР утрово побара став и од општината Куманово под чија надлежност се сите градинки, но тие одбија да дадат одговор.

ЕУРО 2020

Македонија