понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 103
home Вести

Резиме на кампањата на Зоран Заев за промена на името: Манипулации, купување гласови, откажување од суверенитетот и коцкање

Резиме на кампањата на Зоран Заев за промена на името: Манипулации, купување гласови, откажување од суверенитетот и коцкање

Кампањата за референдумот кој се одржува во недела за договорот меѓу Македонија и Грција, со кој се предвидува промена на уставното име и Уставот на Република Македонија влезе во својот последен ден.

Како што многумина велат со овој  договор македонската држава се откажува од својот суверенитет, но на терен власта водеше друга кампања, а не презентација на договорот со Грција и тоа што тој го носи.

Власта на терен водеше силна кампања во обид да ги убеди граѓаните да гласаат „ЗА“ промената на уставното име. Но главниот акцент од страната на власта не беше ставен на самиот договор, туку на придобивките кои Македонија би ги имала од членството во НАТО и ЕУ. Според експертската јавност референдумското прашање не требало да ја содржи интеграцијата во овие меѓународни организации, бидејќи до евентуално членство во Европската унија државата ќе мора да почека уште доста години.

Тоа според експертската јавност е манипулација со граѓаните дека со прифаќањето на овој договор Македонија ќе стане членка на ЕУ, нешто што беше потврдено и од посетите на меѓународните дипломати и политички лидери, кои самите кажаа дека спроведувањето на договорот со Грција е само еден од многуте услови кои треба да се исполнат за наша интеграција.

А кога е во прашање манипулацијата, тоа е еден од големите киксови кои експертите и јавноста му го забележаа на Заев во текот на референдумската кампања. Имено тој во Неготино пред граѓаните кажа дека политичарите манипулираат.

-Можеме да правиме политички калкулантства, можеме како сакаме да се правдаме. Нас политичарите не бива да манипулираме како сакате, политиката тоа во светот го прави и во Македонија видовме сиве овие години, кажа Заев.

Како еден од најголемите киксови исто така се забележува и поткупот кој премиерот побара бизнисмените да го дадат за нивните вработени да гласаат на референдумот. Според кривичниот законик на Република Македонија тогаш Заев сам направи кривично дело, повика и други граѓани да направат кривично дело, а откри и дека сопственик на фирма со поткуп го прекршил законот.

-Еве денес и приватните компании се разбудени. Слушнав денеска во Владата се видовме со Влаканов, инвеститорот на „Минстрој“, вели „Испратив порака до работниците, да излезат сите и да гласаат на референдумот. Тоа е добро за Македонија, за Крива Паланка, но и за мојата компанија затоа што се остваруваат перспективи“. И не само тоа, вети дека ќе даде и некоја награда плус на работниците од тоа што верува дека блеска Македонија во моментот, но и неговите инвестиции во оваа Македонија. Имаме директори на компании во Македонија, Македонци кои велат „ќе дадеме уште една екстра плата затоа што и за мојата фирма се отвора перспективата, изјави Заев пред кривопаланчани.

Тој повика и други сопственици да ги прават тие потези.

–Јас апелирам до сите бизнисмени ајде, почестете ги малку работниците. Сега ова е важно и за компаниите и за граѓаните и за државата. Ако некој има, газдите имаат, бизнисмените имаат можат малку да отворат ќесето повеќе, кажа Заев во Крива Паланка.

Како друг доста голем кикс на Заев во кампањата е делот од говорот пред граѓаните во Струмица, каде свесно или несвесно го опиша начинот на кој работи неговата дипломатија- хазардерски и без компас, е ставот на голем дел од експертите. Заев пред струмичани кажа дека нема друг план за државата, тој во покерски речник кажа дека се коцкал со државата и народот и дека повеќе не му останале ниту „кецови“, ниту „џокери“.

-Немојте да мислите дека некој друг ќе ни ја заврши работата, дека има некој резервен план, нема. Ова е храбра битка, играв со сите кецеви и џокери во ракав, играв со мојот народ, играв „all in“, играв на се или ништо, кажа Заев.

Според експертската јавност уште еден голем кикс на премиерот, а и де факто признавање дека е неспособен и нема капацитет да управува со државата како што треба, е говорот во Велес каде кажа дека му треба камшикар од ЕУ и НАТО, кој ќе ја потсредел владата почнувајќи од него на чело, па надолу со сите.

-Ни треба камшикар, ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да не подсреди, сите од мене на чело, па надоле сите. Затоа што мора да има европски ред и поредок, мора да има европски правила, тоа е нешто кое што сакаме и тежнееме да го постигнеме, рече Заев вчера во Велес.

Ова се само дел од многуте киксови кои премиерот на Македонија ги направи во текот на кампањата, велат експертите. А тие велат дека покрај неговите киксови и другите членови на Владата се склони ни скандали во текот на нивните средби со граѓаните.

Како еден од примерите се дава примерот во Аеродром, каде граѓанин сакаше да постави прашање до министерската за одбрана Радмила Шекеринска, прашање кое не им се допадна на другите присутни на трибината, па тој прво беше нападнат, му беше одземен листот кој го држеше во раката, а од страна на организаторите му беше исклучен и микрофонот.

Инаку, власта имаше една скапа кампањата убедувајќи ги граѓаните да гласаат „ЗА“ на референдумот кој се одржува во недела, но според анкетите таа кампања не го донесе успехот кој можеби и се очекуваше, поради средствата кои беа инвестирани во истата.

Последната анкета спроведена од ИПИС бележи голем пораст на оние кои ќе го бојкотираат референдумот, на анкетата на оваа агенција во август, 22.7 проценти од граѓаните се изјасниле дека ќе бојкотираат, додека пак на септемвриската тој број е пораснат за 6 проценти, сега 28.7 проценти од граѓаните најавиле бојкот на референдумот.

Пораст има и кај оние кои ќе гласаат „ЗА“ на референдумот, но тој пораст е премногу мал од само 0,2 проценти, од августовските 43,2 проценти, септемвриските велат 43.4 проценти поддршка за договорот.

Најнови вести

Коронавирус