петок, 14. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Рестриктивните мерки продолжени за уште една недела

Рестриктивните мерки продолжени за уште една недела

Постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19 остануваат во сила уште една недела. Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера одлучи тие да се применуваат до 27 април 2021 година (вторник).

Останува во сила полицискиот час кој почнува од 20 часот, остануваат затворени кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт. Забрана за работа имаат фитнес-салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучокот се однесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20:00 часот, согласно одлуката на Влада на РСМ за продолжување на одлуката за забрана на движење на населението во период од 20:00 до 5:00 часот, заклучно до 27 април 2021 година. Од ЈСП информираа дека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат од 7:00 до 18:30 часот.

Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.

Во меѓувреме, намалување од 24,3 отсто на бројот на позитиви случаи на КОВИД-19 во земјава во изминатата недела регистрира Институтот за јавно здравје. Намалување има и кај бројот на смртни случаи, пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, што е за 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивни случаи од вкупно тестирани се движи од 15,3 до 27,9 отсто или во просек 22,6 отсто. Доминантен сој кај примероците што се земени од заразените е британскиот.

Од Главниот координативен кризен штаб пред два дена најавија дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање, ќе биде разгледана можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.

Ќе се разгледа можноста во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа во отворениот дел, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, како и да се дозволи организирање на спортски тренинзи во фитнес центри/клубови на отворен простор и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Вчера беа регистрирани нови 766 случаи на КОВИД-19 од направени 3171 тестирање во изминатите 24 часа. Во истиот период се регистрирани 1118, како и 31 починато лице, информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Досега во земјата се направени вкупно 695 267 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 147 995, бројката на оздравени пациенти е 124 828, на починати е 4 509, а бројот на активни случаи изнесува 18 658.

Коронавирус