четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 111
home Вести

„Рекет“: Катица Јанева го тужела Боки за неовластено снимање

„Рекет“: Катица Јанева го тужела Боки за неовластено снимање

Кривичната е поднесена на 12 март годинава откако во судница беа презентирани фотографии и снимки како Катица Јанева седи во својот дом, а на масичката пред неа има снопче со пари, објави порталот 360stepeni.mk

Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово продолжи судењето за случајот „Рекет“, кој и покрај епидемијата со новиот коронавирус се суди бидејќи е еден од итните предмети затоа што има мерки на претпазливост – притвор во затворот во Шутка за Бојан Јовановски-Боки 13 и домашен притвор за Катица Јанева.

Судскиот процес е во завршница, а на денешното рочиште адвокатите на двајцата обвинети презентираа дополнителни докази.

Еден од доказите кои ги презентираа адвокатите на Јанева беше приватна кривична тужба која ја поднеле тие против Бојан Јовановски за неовластено снимање. Таа е поднесена на 12 март годинава односно, како што велат адвокатите, откако во судница беа презентирани фотографии и снимки како Катица Јанева седи во нејзиниот дом, а на масичката пред неа има снопче со пари.

Овој доказ, рекоа нејзините адвокати, го презентираат бидејќи станува збор за неовластено снимени материјали, што е кривично дело.

Во изјава за медиумите, адвокатот Дељо Кадиев за оваа околност рече дека не се гледа никакво предавање на парите, што според одбраната нема доказ дека обвинетата зела пари.

Јанева презентираше и извод од трансакциска сметка на нејзиниот татко за да докаже дека неговото лекување во „Систина“ било платено, како и неколку документи поврзани со издавањето на времениот пасош на Орце Камчев, како што се барања, мислења од обвинителството и решенија од судот.

Меѓу дополнителните докази на Боки, пак, кои беа прифатени се најдоа извод за заштитени марки на негово име, документ за реверс за земени уметнички слики од скопска галерија, конкретно сликите кои беа запленети од неговиот дом, а обвинителството докажуваше дека со купување на скапи работи Јовановски перел пари.

Понатаму, имаше и извештаи од авторска агенција за исплата на хонорари на Јовановски, како и договор од 2010 година за организација на јавни настапи помеѓу Боки и „Беотон“.

Меѓутоа, дел од предложените докази не беа прифатени на што одбраната реагираше жестоко, а Јовановски прашуваше дали веќе е донесена пресуда потенцирајќи дека „се прелетува“ низ предметот.

На следното рочиште, на 7 мај, одбрана со свое сведочење ќе дава Јовановски. До изрекување на пресудата одбрана ќе треба да даде и Јанева, а потоа и странките да дадат завршни зборови.

Пред да почне денешното рочиште, како и на сите останати што во овој период се одржуваат во Основниот кривичен суд во Скопје, на обвинетите, адвокатите, новинарите и сите што влегуваат во судската зграда им се мереше температура, а внатре сите седеа во заштитни маски.

Коронавирус