среда, 23. септември 2020. Вести денес: 125
home Вести

РЕК Битола, пандемијата со КОВИД-19 и ПР мерките

РЕК Битола, пандемијата со КОВИД-19 и ПР мерките

Поради пандемијата создадена од Корона вирусот која што допрво се очекува да го доживее својот пик во нашата држава, ние веќе живееме и функционираме со ограничени можности и капацитети. Живееме во вонредна состојба прогласена од Претседателот на Р. Македонија, имаме прогласена кризна состојба на одредена област од територијата на државата, воведени се дополнителни мерки и препораки за дезинфекција и индивидуална заштита, воведен е полициски час за ограничувања за движење на населението. Сите преземени мерки се од голема помош за спречување на понатамошната ескалација на пандемијата сẻ со цел да се добие време што помалку население да се зарази, односно да се забави ширењето на вирусот за да бидат здравствените установи подготвени да ги заштитат заболените, а особено старите лица и хронично болните кај кои овој вирус може да предизвика и фатални последици, како и загуба на нивните животи.

Во моментов состојбата во Р.Македонија  е далеку од розова, имаме неколку стотици заразени и неколку починати, а вирусот зема сẻ поголем замав. Владее паника и страв кај населението, не само поради неизвесноста што ќе биде утре со нашето здравје и здравјето на нашите најмили, туку и поради начинот на кој што Владата на  Македонија се справува со пандемијата предизвикана од вирусот Корона. Оваа страшна состојба која е веќе вкоренета во нашата потсвест сẻ повеќе се продлабочува со секој нов ден, гледајќи ја хаотичноста на Владата како постојано каска и доцни во континуитет со сите превентивни медицински мерки. Доцни од самиот почеток на кризата, а и за жал и сега во услови на прогласена “вонредна состојба”, кога Владата има одврзани раце да може да реагира брзо и одлучно во носење закони и мерки за поуспешно справување со пандемијата.

Да биде нашата мака уште поголема, оваа пандемија како во целиот свет така и кај нас удри силно и на така кревката македонска економија. Владата на Македонија својата немоќ во носењето правилни и брзи мерки и одлуки за заштита од вирусот за жал ја преслика и во економската состојба на нашата држава. Хаотичноста во носење економски мерки кои се недоволни, нецелосни и закаснети, граѓаните ја почуствуваа со загуба на работните места, намалување на платите, заглавени во кредитните долгови за кои што допрва ќе плаќаат дупли камати на кредитодоверителите, благодарение на гореспоменатите мерки од Владата. Нема полошо кога претставник на Владата ќе излезе во јавност на прес и ќе соопшти дека државата нема финансиски капацитет да се справи со бурата што доаѓа, во моментот кога граѓаните и целото стопанство на државата сиот свој надеж го имаат вперено кон Владата очекувајќи помош и стратегија.

Овие две зла (КОВИД-19 и економската криза) кои што земаат сẻ поголем замав ќе се почувствуваат и во енергетски сектор како составен дел од нашето стопанство. Најважно е здравјето на човекот пред сẻ, тука нема дилеми, но ситуацијата не е така едноставна, проблемот е многу покомплексен. Енергетските компании се должни како во нормални услови така и сега да обезбедат максимална функционалност на своите енергетски капацитети  во пресрет на економската криза, а од друга страна раководствата на производствените капацитети меѓу кои се РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј мора да обезбедат максимална заштита на здравјето на своите вработени во однос на новонастанатата состојба со КОВИД 19. Како  сето ова да се реализира, како дел од вработените кои што не можат да работат од дома и се на работни позиции каде се бара 24 часовен мониторинг, се заштитени на нивното работно место? Не е едноставно, но најмалку што треба е да се почитуваат мерките и советите за заштита од вирусот и негово ширење. Дали е навистина така, дали овие мерки се почитуваат и спроведуваат во РЕК Битола како наш најголем производител на електрична енергија?  За жал не е така! Раководството на РЕК Битола не може да се пофали дека е максимално посветена на здравјето на своите вработени. Би сакал да прашам дали разбира раководството на РЕК Битола  колку е важно да ги заштити своите вработени, дали истото е свесно дека доколку се дозволи вирусот да го совлада овој комбинат, ќе мора да се затвори истиот, ќе дојде до престанок на работа на РЕК Битола со што само ќе ја забрзаме спиралата на економската криза во налетот и крахот на нашата економија.

Од сликите можеме да видиме дека ПР агенцијата на ЕЛЕМ е единствената која што е посветена на своите задачи.  На ЕЛЕМ и раководството на РЕК Битола преку својата ПР агенција само едно им е важно, да ја излажат јавноста дека сẻ е во ред, да се пофалат со слики дека преземаат мерки за дезинфекција на внатрешните простории, како што објавиле на својата официјална страна на facebook.

Но вистината е сосема друга!

Дали на сликите каде што е г-нот Ковачевски, кој што им се обраќа на присутните без заштитна маска е запазена основната мерка задолжително минимално растојание помеѓу секој вработен? Собрани многу луѓе и стиснати еден до друг само за да ги фати камера со директорот кој е без маска.

Дали г-нот Ковачевски само поради сопствена промоција вработените на ЕЛЕМ ги ставил во функција да вршат дезинфекција на улиците на градот Битола, притоа изложувајки ги на опасност да се заразат со вирусот, со што може да се случи да останеме без стручен кадар, а со тоа и затварање на РЕК Битола.

Ова е фотографија направена од совесен граѓанин кој ја објави истата на Facebook. Доказ кој потврдува дека заштитата на вработените е само за пред камера.

Проблемите во однос на здравјето на вработените и нивната заштита од вирусот Корона не завршуваат тука. Од 9ти Март годинава се одвива реконструкција на Блок 1 во РЕК Битола. Исто така деновиве се јавиле и други технички проблеми, имено електростатскиот филтер на блок 2 бил  во дефект, а димните канали на Блок 3 се во многу лоша состојба што може да се забележи од самата слика. За реализација на реконструкцијата на Блок 1 и санирање на дефектите и техничките проблеми потребни се надворешни компании и многубројни надворешни работници кои што секојдневно и непречено ќе имаат пристап во комбинатот. Раководството на ЕЛЕМ има законска и морална одговорност кон вработените и пошироката јавност да даде одговор на следниве прашања:

Дали АД ЕЛЕМ и раководството на РЕК Битола имаат спроведено протокол со строго утврдени правила со превземени неопходни заштитни мерки за заштита од вирусот во однос на надворешните компании и извршители при влез во комбинатот и за време на престојот во истиот?

Дали нивниот секојдневен пристап во РЕК Битола, а со тоа и доаѓање во контакт со самите вработени не е ставено под знак прашалник здравјето на вработените?

Дали раководството на комбинатот претходно ја има планирано реконструкцијата на Блок 1 на РЕК Битола и зашто не е одложена истата поради новонастанатата ситуација?

Дали испадот на електростатскиот филтер и дефектот на димните канали на блоковите доволно говорат за нетековното планирано одржување на опремата, со што се зголемува загадувањето на околината и повторно не се води грижа за здравјето на граѓаните ?

Дали при организираниот транспорт на вработените има минимално растојание од 1 метар од вработен до вработен што е спротивно на препораките на Владата за превенција од ширење на болеста КОВИД-19 ?

Раководството на ЕЛЕМ е неодговорно и нестручно, освен ПР маркетинг нема капацитет за управување со нашите енергетски производствени капацитети, нема морална одговорност кон вработените и не се грижи за нивното здравје. Вработените се вистински херои, секој ден достоинствени на своите задачи беспрекорно ги извршуваат, грижејки се за своите материјални добра, нашите комбинати.

Голема благодарност до сите нив, имајте добро здравје!

Колумна на Стевче Антовски, дипл.ел.инж.

Коронавирус