среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 21
home Вести

Регионот почна со вакцинација, а кај нас се уште нема вакцини

Регионот почна со вакцинација, а кај нас се уште нема вакцини

Сите земји во регионот започнаа со вакцинација на населението против КОВИД-19, а властите во Македонија мува не лази и сеуште чекаат на донации од соседните земји. Министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев не знаат точно кога ќе пристигнат вакцините во државата. Граѓаните стравуваат дека предоцна ќе ги добијат вакцините како што беше случајот со вакцините против обичен грип.

Деновиве неколку држави во регионот започнаа со вакцинација на своето население против КОВИД-19, а Македонија според најави на министерот за здравство Венко Филипче би започнала вакцинација можеби почетокот на месец март наредна година.

Во Србија веќе почна вакцинацијата а прво ќе се вакцинираат корисниците на домовите за стари лица, бидејќи тие се најзагрозени. Вучиќ најави дека вакцина ќе примат и челновите на државното раководство,тој, премиерот или д-р Дарија Кисиќ. Со тој чин тие би им упатиле порака на граѓани за потребата од вакцинирање и за безбедноста на вакцината Фајзер. Во Србија пристигнаа првите 4.875 дози, на вакцини од компанијата „Фајзер-Бионтек“. Српскиот претседател најави дека во наредниот период ќе пристигнат уште повеќе дози.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ на владина седница соопшти дека вкупниот број на случаи во последните седум дена е 17.000, што е за 28 проценти помалку од претходните седум дена. Во Хрватска првите дози на вакцината пристигнуваа на 26 декември, а тоа се 9.750 дози.

„Откако Агенцијата за лекови и медицински помагала издаде согласност, вакцинацијата започна вчера, односно во деновите на вакцинација против корона вирус на ЕУ. Планот за дистрибуција на вакцините е развиен според окрузите“, рече Вили Берош, министер за здравство во Хрватска.

„На 24 декември сите камиони со вакцини заминаа од Белгија кон сите европски земји.

И во Бугарија вчера започна вакцинацијата каде прв ја прими министерот за здравство.

Првите пратки од вакцината и во соседна Грција стигнаа на 26-ти декември а од следниот ден, тоа е од вчера во пет болници во Атина почна вакцинацијата а први се вакцинираа една медицинска сестра и еден повозрасен граѓанин.

Што се однесува за кај нас, според информации кои ги произнесува министерот за здравство Венко Филипче македонските граѓани вакцината против КОВИД-19 ќе ја добијат најверојатно во февруари или март. Иако и тој термин е под знак прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче на една од своите прес конференции овој месец истакна дека очекува вакцините против КОВИД-19 во Македонија ќе стигнат во месец март.

„Сите земји ги имаат истите активности, фокусирани се на вакцината како и ние. Најавата преку Ковакс системот, иако не конкретно, е дека вакцините треба да ги добиеме во месец март, како ние така и останатите земји од регионот кои имаат случено договор преку КОВАКС системот“, рече Филипче.

Претседателката на Комисијата за имунизација д-р Александра Грозданова исто така на едно од своите интервјуа потврди дека во согласност со капацитети кои ги имаат, и според неа, првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тримесечје (јануари – март) од идната година.

„Прашање е и колку животи ќе згаснат, па и колкумина ќе останат со тешки последици заради доцнењето на Филипче? Одговор „првите МЕСЕЦИ од следната година“ е премногу неодреден и прави огромна разлика. Така Филипче велеше дека не очекува повеќе од 2.000 заболени за денес да имаме црна бројка од над 2.000 починати! Филипче може да играат со такви паушални изјави, на пример колку цигли му требаат за приватната касарна на Водно. За ваква неодговорност, со неодговорност кон здравјето на целата нација, Филипче, Заев па и Караџовски мора да сносат одговорност“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во вчерашната прес конференција.

„Ни велеа има вакцини па ќе преговараат, а јавноста не знае ништо. Потоа разбравме дека до производителите пратиле само писмо дека сме заинтерсирани и рекле во ред е. Но, сериозна земја преговара уште на почеток. Не знам зошто се чекаше КОВАКС механизмот. Во Буџетот ние не гледаме дел за набавка на вакцини, значи ќе треба ребаланс. Значи мора добро планирање, а не вака како кај нас“, рече Игор Николов, претседател на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување минатата недела на радио Лидер.

Коронавирус