недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Расте бројот на болни од грип, од вкупно 7.150 најмногу се во Струмица и Скопје

Расте бројот на болни од грип, од вкупно 7.150 најмногу се во Струмица и Скопје

Нови 2825 заболени од грип се регистрирани во изминатите седум дена, што е зголемување за над 75 проценти во однос на претходната седмица и за речиси двапати повеќе споредено со истиот период минатата година. Вкупниот број на заболени од грип се искачи на 7150, што е исто така за околу 70 проценти повеќе од истиот период лани. Најмногу заболени има во Струмица (околу 1300) и во Скопје (околу 1200), во Гостивар над 800. Смртен случај нема, но има тешко болни.

-И по интензитет, и по распространетост грипот во изминатата недела покажа екстензивен раст. Тоа и го очекувавме и најавивме дека во текот на наредните недели ќе расте, како и во останатите земји во Европа. Зголемување има за околу 30 отсто и во однос на просечната епидемиска крива за последните девет сезони, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Додаде дека продолжува трендот на заболување најмногу кај лица на возраст од 34 до 65 години. Со исклучок на два мали града, Пробиштип и Демир Хисар, во целата држава има нови случаи на заболени. Најмногу заболени има во Струмица и во Скопје, а најголема зафатеност на населението е регистрирана во Дебар со 520 случаи. Најзафатена возрасна група се децата од 0 до 4 години, иако бројот е најголем кај повозрасните.

Во однос на лабораториската дијагностика, Кузмановска соопшти дека забрзано расте и бројот на материјали што се доставуваат до ИЈЗ и дека во најголем процент се позитивни на вирусот на инфлуенца што, како што рече, докажува дека веќе имаме интензивна циркулација на вирусот на нашето подрачје.

– Во текот на минатата недела, од 80 пристигнати материјали од болниците и здравствените установи кои испраќаат материјал во Институтот, дури 61,3 проценти беа позитивни, од тип А се 26, а 23 од тип Б. Така што, имаме напоредна циркулација на инфлуенца А и инфлуенца Б, рече Кузмановска.

Зголемувањето на бројот на болни споредено со истиот период минатата година се должи на тоа што оваа сезона почнала две недели порано. Точен број на тешко болни од грип, рече, не може да даде и нив треба да ги соопшти  Клиниката за инфективни болести и одделенијата каде што се лекуваат, но дека до ИЈЗ стигнуваат материјали за тестирање од тешко заболени.

Во однос на заканите од коронавирусот, пак, Институтот за јавно здравје во соработка со Светската здравствена организација од идната недела ќе организира тренинзи и едукација со насоки за здравствените работници, особено на инфектолозите и епидемиолзите. До крајот на месецов ќе има десет обуки.

-Екипи од одредени специјалности ќе поминат по сите болници во однос на обврската да се ажурираат оперативните планови за справување со пандемија од заразни болести и одредени кризни состојби, да се провери дали се има сè што е потребно – простор за изолација, терапија за тешки болни итн, изјави Кузмановска.

Најнови вести

Коронавирус