понеделник, 6. февруари 2023. Вести денес: 179
АКТУЕЛНО

Најнов биланс: Во земјотресите во Турција и Сирија загинале повеќе од 3.000 луѓе, најмалку 15.500 повредени

home Вести

Расправата за уставните измени продолжува утре

Расправата за уставните измени продолжува утре

Собранието на Република Македонија ја заврши денешната расправа по Предлогот за пристапување кон уставните измени и новото продолжение го закажа за утре во 11 часот.

И во попладневниот дел од расправата власта и опозицијата имаа спротиставени ставови. Опозицијата смета дека Договорот од Преспа е штетен, противуставен и политички мртов, а парламентарното мнозинство повика на одговорност и заедништво при донесувањето на историски одлуки. Посочија дека подобар договор од овој не може да има и оти ако тој се отфрли, тогаш на државата и се заканува изолација.

Пратеничката Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница порача дека ќе гласа против уставните измени бидејќи според неа Договорот од Преспа е штетен и капитуларен.

– Договорот е политички и правно мртов, рече Честојанова, додавајќи дека на референдумот не бил исполнет цензусот и оти никој нема легитимитет да работи против волјата на народот.

За независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, одговорноста е многу поголема од личните калкулации и политички партии.

– Дали можеме да се надминеме и да сфатиме дека овој договор е единствената шанса којашто ни се нуди. Не постои подобар договор од овој. Уште колку години ќе чекаат нашите граѓани и мислете ли дека младите ќе седат и ќе чекаат да се постигне подобар договор. Верувам дека постои свест и совест кај секој од нас да одлучи за интересите на народот, рече Туфегџиќ.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на Туфегџиќ рече дека е невистина оти ако Македонија влезе во ЕУ и НАТО ќе се спречи иселувањето на младите од државата. Се осврна и на одѕивот на референдумот обвинувајќи дека е катастрофа тоа што на одредени избирачки места имало полнење на кутии и одѕив од 96 проценти.

Во репликите кон останатите пратеници, Ѓорчев посочи дека огромно мнозинство од македонскиот народ не се согласува со Договорот и оти има резерви за она што е потпишано.

Џевад Адеми од ДУИ порача дека како никогаш порано на Македонија и е потребно единство и дека сите треба да се издигнат над калкулациите.

– Македонија е пред историски тест што нема да се повтори. Имаме посебен историски момент во Македонија. Не треба мудрост за да видиме дека големиот број граѓани се согласуваат и се едногласни дека Македонија нема друга алтернатива, освен членството во НАТО и ЕУ, рече Адеми.

На почетокот на денешната седница се обрати премиерот Зоран Заев кој повика на помирување за 27 април и ги повика пратениците да гласаат за уставните измени. (МИА)