сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 71
home Вести

Раскол во СДСМ, се бара оставка од Заев

Раскол во СДСМ, се бара оставка од Заев

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС во кој експлицитно се откажува од македонската историја, предизвика низа реакции кај македонскиот народ. Граѓаните се чувствуваат понижено, навредено и гневно сведочејќи на обидот да се избрише историското богатство, откако беше сменето уставното име.

Но, тлото се тресе под нозете на Заев и од реакциите на неговите соработници. Основачите на партијата и високи функционери од минатиот состав на СДСМ, не го поштедија Заев од соочување со сопствениот срам за тоа што го прави.

Како што објавивме вчера, извори од Бихаќка реферираат дека и покрај обидите на дел од блиските министри на премиерот Зоран Заев да го одбранат по жестоките обвинувања и реакции на граѓаните со претходно смислени и напишани фејбук статуси од прес центарот на владејачката СДСМ, сепак поголем дел од членството барале одговорност за неговите сервилни политики во однос на Договорот со Република Бугарија.

„Изненадување за голем дел од членовите беше интервјуто на Заев, не ги делиме истите ставови со него и од таму потекнува целиот револт, но вистинско изненадување за сите беше и јавувањето на претходниот претседател Банко Црвенковски кој и после долг временски период се уште ужива почитување кај нас. Завчера беше навистина непријатна ситуацијата, целиот ПИ-АР беше насочен кон негативна кампања за Црвенковски, но тоа се само неколку членови од струмичкото крило, останатите се повлековме во канцелариите и коментиравме дека СДСМ не е само Зоран Заев, туку членството, и доколку членството не се согласува со него мора да даде одговор за неговите ставови и политики кои не само на народот, туку се штетни и за нас како политичка партија“, вели нашиот извор.

Дополнително незадоволството кај членовите расте и поради оградувањата и нападите врз поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, кој после седум години се огласи во однос на изјавите на Заев, и побара итно свикување на седница на Централниот одбор на партијата каде ќе се донесе заклучок дека искажаните ставови на сегашниот претседател Заев не се ставови ниту на Централниот одбор, ниту пак на СДСМ во целина и побара како основач и долгогодишен претседател замрзнување на неговото членство во владејачката СДСМ.

Како што наведува Црвенковски ваквите изјави и ставови на Заев предизвикале огромна и неповторлива штета, како и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Реакцијата на Црвенковски ја пренесуваме во продолжение: 

„Почитувани сопартијци,

Во изминативе 7 години решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија.

За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата.

Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавноста, за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.

Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.

Почитувани сопартијци,

До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Со другарски поздрав,
Бранко Црвенковски“.

Како што велат нашите извори, ова било шок и за премиер Заев кој не очекувал дека Црвенковски ќе му се спротивстави, како и дека поголемиот дел од поранешното скопското крило на партијата кои се уште имаат блиски релации со сегашните високи функционери од скопското крило кое подолго време е во конфликт со струмичкото и кумановското крило во партијата.

Но, не беше само Црвенковски…

Илинка Митрева за интервјуто на Заев: Нема простор за дообјаснувања, има простор за вонреден конгрес во СДСМ

Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста, вели поранешната министерка за надворешни работи.

-Ставовите на Заев се завршниот удар што тој ѝ го задава на Македонија. Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација.

Ова го вели професорката Илинка Митрева, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија, како реакција на интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС.

-Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста. Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес, вели Митрева.

Таа смета дека е време „да се испрати натпартиска порака до сите општествени и политички сили во нашата земја, до сите граѓани, да се обединиме пред тешките предизвици што ни претстојат“.

-Како поранешен политички деец, но и како граѓанин, имам право и обврска да застанам во одбрана на националната гордост, заклучува професорката Митрева.

Андреј Петров: Германскиот канцелар Вили Брант клекна на колена за да побара прочка, не проба да ја смени историјата

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош Андреј Петров направи паралела помеѓу поранешниот германски канцелар Вили Брант и интервјуто на Заев дадено за БГНЕС.

-Тезата дека бугарите биле администратори и ослободители на Македонија е неточна. И тоа нема врска со Бугарскиот народ. Вили Брант канцеларот на Германија кој доби Нобелова награда клекна на колена пред гетото во Варшава во знак на барање прочка. Не проба да ја смени историјата, коментира Петров.

Меѓу поранешните високи функционери кои побараа одговорност и оставка беше и Софија Куновска поранешна претседателка на Форум на жени на СДСМ, Зоран Јовановски поранешен потпретседател на СДСМ кој праша дали има казна за говор на омраза против сопствениот народ и држава, универзитетската професорка Ана Павловска Данева истакнат член и поранешна пратеничка од СДСМ која вели дека секој политичар треба да има момент во кој ќе подзастане и ќе се запраша во што се претворил, поранешниот генерален секретар на СДСМ Гордан Георгиев како и коалициските партнери на СДСМ претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов, и поранешната претседателка на ДОМ Лилјана Поповска.

Oградување пристигна и од сегашниот градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски кој на својот фејсбук профил напиша дека сите обиди да се изместат фактите се само репризата од минатото кое се повторува на Балконот како и дека Куманово е ослободена од македонската партизанска бригада и дека македонскиот јазик ниту бил, а ниту ќе биде дијалект и дека Гоце Делчев е темелот и душата на нашата државност Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ ги оправда критиките на поранешниот претседател Црвенковски, Наташа Савова поранешен висок функционер на СДСМ која напиша дека кога премиерот Заев јавно извршува скернавење на гробовите на нашите предци, поштено е за сите нас кои сме членови на СДСМ да ни кажат дали позади овие ставови стои Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, и ред други истакнати функционери, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Оградување од изјавите на Заев пристигна и од страна на членовите на историската комисија меѓу кои Љубица Спасовска, Огнен Вангелов, Ванчо Ѓорѓиев, Александар Литовски.

Се појасно е дека полека, но сигурно се ниша тронот на претседателот Зоран Заев, а нервозата и стравот кај него се се поизразени бидејќи бил оставен на цедило затоа што во негова одбрана застанале само Радмила Шекеринска, Љупчо Николовски, Венко Филипче, Костадин Костадинов, како и сегашниот генерален секретар на владата Мухамед Зекири, кој како што тврди изворот не биле баш „омилени“ кај членството.

Коронавирус