вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 117
home Вести

Рама за Евроњуз: Северна Македонија пред Албанија во ЕУ може да го дестабилизира регионот

Рама за Евроњуз: Северна Македонија пред Албанија во ЕУ може да го дестабилизира регионот

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за престижната европска телевизиска мрежа „Евроњуз“ (Euronews), ги предупреди земјите од Европската унија дека ќе биде штетно за регионот, доколку пред Албанија започнат разговори за пристапување со Северна Македонија, пренесе албанската телевизија „Топ чанел“.

-Би било многу штетно за регионот и во исто време неправедно. Македонија постигна напредок и заслужува да се пофали, бидејќи тоа го заслужува, но прашањето е дали ни треба конфликт за да се процени она што го правиме, изјавил Рама.

Во интервјуто со новинарот Џек Парок, шефот на албанската Влада зборува и за улогата на Европскиот совет за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, потенцирајќи дека Советот многу не се базира на она што го прават владите на земјите како Албанија, туку на ситуациите и динамиката на внатрешната политика на земјите членки на ЕУ.

-Мораме да се соочиме со она што се повеќе одлучувањето на Советот на Европа не се заснова врз она што го правиме, на она што го прават земјите како нас, туку на внатрешната состојба или внатрешната политичка динамика во различни земји-членки, смета Рама.

Тој уште еднаш појасни што е Европа за Албанија.

-За нас Европа не е само обичен бирократски процес, група развиени земји во кои сонуваме да бидеме вклучени, за нас тоа е она истото што беше за оние кои ја создадоа како проект на мирот и соработката, изјави премиерот Рама за  „Евроњуз“.

Интервјуто е реализирано во албанската владина вила во Дерми, кај Драч, а на новинарот она што посебно му го привлекло вниманието е облеката на Рама, која воопшто не е формална.

Токму за тоа новинарот му посвети статус на „Твитер“, а меѓу другото пишува дека „Рама ги пречека пријателите бос и во кратки панталони“.

-Ова не беше вообичаено политичко интервју. Премиерот на Албанија не прими во неговата летна резиденција, бос и во кратки панталони. Нашето интервју се фокусираше на потенцијалот на Албанија за започнување на разговорите за пристапување во ЕУ, пишува новинарот.

МИА