сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Радев свика консултации на државниот врв на тема Македонија

Радев свика консултации на државниот врв на тема Македонија

Претседателот на Бугарија Румен Радев за утре закажал консултативна средба на државниот врв за билатералните односи со Македонија и поканата што ја очекува од Европската унија за почеток на преговори за членство, објави news.bg.

Средбата, како што пренесува news.bg., ќе се одржи во 09:30 часот, а темата е „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Македонија во контекст на резултатите од работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана до Република Северна Македонија за пристапување во Европската унија“.

Поканети се да присуствуваат премиерот Бојко Борисов, претседателката на Парламентот Цвета Карајанчева, вицепремиерката за правосудни реформи и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, координаторите на парламентарните групи, претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања и контрола на европските фондови, на изборната комисија, како и претставникот на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни работи.

Бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека „доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Македонија кон Европската унија“. -Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската унија, рече Каракачанов.

Коронавирус