вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Работилница за примена на конвенцијата за правата на лицата со попреченост

Работилница за примена на конвенцијата за правата на лицата со попреченост

Во организација на Движењето против хендикеп „Полио плус“ од Скопје денеска и утре во Тетово се одржува работилница за примена на конвенцијата за правата на лицата со попреченост во секојдневниот живот.

Според Кристина Нацева од „Полио плус“ иако Македонија е потписник на оваа конвенција од 2011 година голем проблем е нејзината примена во пракса.

Посочи дека ратификацијата на конвенцијата со околу 50 членови е една работа, но лицата со попреченост во Македонија постојано се соочуваат со неможност во остварувањето на своите права како на пример образованието, физичката непристапност на објектите што е проблем за слабовидните и слепи лица, слабото користење на гестовниот јазик во информативните содржини, но и пристапноста до информациите.

– Кај организациите што работат со овие лица, но и кај нив самите има големо разочарување од овие состојби, бидејќи се покажува дека и институциите што се надлежни или не знаат или не умеат да ја реализираат во практика конвенцијата и на тој начин да ги направат лицата со попреченост рамноправни граѓани што ќе придонесуваат за општеството,  а не само како и досега да бидат пасивни примачи на помош, изјави Нацева.

Таа истакна и дека од нивна страна било воочено дека и самите лица со попреченост имаат слаби или недоволни познавања со правата што им следуваат согласно конвенцијата, па поради тоа на дводневната работилница во Тетово преку личен пристап со овие лица ќе работат на подобрување на овие состојби.

Милица Трпевска од Тетово која е слепа вели дека во Тетово, но и воопшто низ Македонија е голема непристапноста на улиците и објектите за слободно и независно движење на слепите и лицата со намален вид со бел стап.

Меѓу проблемите се и немањето законски решенија за личен асистент за ваквите лица, но и системските пристап околу носењето на законите, прописите или политиките во овие области.

Таа нагласи дека се забележува подобрување на состојбите согласно Законот за социјална заштита околу финасиските бенефиции или вработувањата на лицата со попреченост, но оти мора да се работи на суштински пристап конрешавањето на нивните проблеми и на национално и на локално ниво.

(Mиа)

Коронавирус