сабота, 8. мај 2021. Вести денес: 10
home Вести

Пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија- Смоквица

Пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија- Смоквица

Пуштена е во употреба автопатската делница Демир Капија- Смоквица со што се заокружи со целосно автопатско решение Коридорот 10 низ територијата на Македонија.

Новата делница во должина од 28,2 километра, ќе го скрати за 25 минути патувањето на тој потег од автопатот „Пријателство“. Преку неа годишно се очекува да поминат 730.000 возила, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и поголема соработка на регионот и негова интеграција со европскиот пазар, беше порачано на свеченоста на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, грчкиот министер за транспорт и инфраструктура Кристос Спиртиз, економски министри во Владата…

По новите 28 километри автопат граѓаните ќе може да возат од утре, а денешната церемонија го означи почетокот на кампањата „ЕУ за Тебе“ за инвестиции на ЕУ во транспортната инфраструктура.

– Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која не водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ. Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка, рече премиерот Зоран Заев.

Како што потенцираше Даниелсон, новиот автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување за компаниите и граѓаните кои ќе го користат.

– Изградбата на делницата Демир Капија- Смоквица беше навистина многу комплексен проект во поглед на геологија, како и геотехника, вклучувајќи дека имаше за изградба бројни тунели, вијадукти, високи насипи. Навистина реализацијата на овој проект покажува како може домашни компании од вашата земја рака под рака со компании од Република Грција да работат заедно во реализација на овој важен проект, рече Даниелсон.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, Македонија доби нова модерна и безбедна автопатска делница, проектирана и изградена согласно европските норми и стандарди за заштита на животната средина со сите потребни карактеристики за безбедност.

– Демир Капија – Смоквица технички беше најтешката делница за изградба од патниот Коридор 10 во Македонија која поминува низ Демиркаписката клисура и тешко достапниот планински терен по неа. Од тие причини, ова автопатско решение претставува најсовремен тип на градба изградена по сите светски и европски стандарди, рече Сугарески.

Вредноста на автопатот изнесува 218 милиони евра во делот на изградбата и 10 милиони евра за надзор, а од вкупните средства 70 милиони евра се грант од ЕУ, а останатите со заеми од Европската банка за обнова, развој и Европската инвестициска банка и шест милиони евра од државниот Буџет.

Долж трасата на автопатот изведени се над осум милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, шест моста, два тунела со должина од над 1,2 километри, две сообраќајни клучки кај Миравци и кај Смоквица, сто канали. Поставено е современо енергетско и ефикасно осветлување во тунелите, како и системи за вентилација и детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

На новиот автопат треба да има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, за кои пред еден месец беше издадена градежна дозвола и се очекува да бидат завршени за околу осум месеци. Автопатот го градеше грчката компанија „Актор“.

Како што посочија на денешната церемонија премиерот Заев и министерот Сугарески, за автопатската делница почната во време на претходната власт, како и за останатите почнати проекти, е дадено ветување дека ќе бидат завршени.

– Без разлика на сите слабости и долгови што ги наследивме, Владата даде збор дека ќе ги заврши сите почнати патни проекти во најбрзи можни рокови. Нам денеска ни останува да го одбележиме крајот на сите градежни работи и свечена атмосфера да го предадеме на граѓаните на нашата земја и на Европа делот од овој автопат кој овозможува безбедно стигнување до сите делници на овој потег до границата со Грција и обратно, рече Заев, посочувајќи дека Владата е определена да ги затвори празнините во транспортните мрежи и да ги отстрани тесните грла кои се уште го попречуваат нормалното функционирање на внатрешните и меѓународните ефикасни економски политики.

Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури. Во октомври лани Владата со анекс на договорот за изградба го продолжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава за да се завршат градежните зафати за изградба на Контролниот центар кај Неготино и за дислоцирање на далноводот на МЕПСО. Специјалното јавно обвинителство минатиот месец објави дека отвора истрага по име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица во однос, како што тврдат, на фаворизирање на „Актор“ на тендерот. Во „Актор“ има сомнение и за перење пари.

На стартот на кампањата „ЕУ за Тебе“ беше потсетено на досегашните инвестиции на Унијата во транспортната инфраструктура на Македонија во износ од 325 милиони евра.

– Поврзувањето и транспортот остануваат главната тема во нашата заедничка агенда. Транспортот ќе биде главната тема и на следниот Самит во Софија и ќе докажеме дека само преку подобро поврзување и подобри транспортни услови ќе успееме да ги поврземе луѓето и државите. Европската унија ќе продолжи со својата поддршка на овој процес, рече Даниелсон.

Со вложувањата од ЕУ во Македонија се изградени и обновени над 100 километри автопат, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.  (МИА)

Коронавирус