петок, 18. јуни 2021. Вести денес: 0
home Вести

Психолог Секуловска во интервју за КУРИР открива: Со што се соочуваат жртвите на насилство, што крие „Јавна соба“ и како институциите треба да реагираат!

Психолог Секуловска во интервју за КУРИР открива: Со што се соочуваат жртвите на насилство, што крие „Јавна соба“ и како институциите треба да реагираат!

Македонската јавност е загрижена откако по една година, повторно на виделина излезе постоењето на „Јавна соба“, група во која се споделуваат експлицитни содржини од девојки, а меѓу нив и малолетни лица.

Дел од жртвите одлучија сами да проговорат низ каква голгота поминуваат, а дел од нив одлучија да молчат. Тоа ја крена јавноста на нозе. Се бара итна реакција од надлежните институции и органи, но најнеопходна е потребата од заштита на жртвите.

По нивните изјави, тие повторно наидоа на нови “удари“ преку осудите на јавноста.

За тоа со што се соочуваат жртвите на насилство, што крие „Јавна соба“ и како институциите треба да реагираат, разговаравме со Анѓела Секуловска, дипломиран психолог на Меѓународниот славјански факултет „Гаврило Романович Державин“.

Интервјуто со неа, КУРИР ви го пренесува во продолжение:

КУРИР: Која е причината според вас, зошто жртвите молчат или се срамат да кажат дека се сексуално вознемирени? Дали мислите дека менталитетот на нашето општество е директна причина ?

Секуловска: Најчесто, прва реакција на жртвите е самообвинувањето и честопати се повлекуваат, депресивни се, вознемирени и не сакаат да зборуваат за тоа. Самообвинувањето е најчесто поврзано со научената општествена матрица и со тоа што индивидуата на различни начини веќе го има видено и искусено од секојдневието. Голем број жртви носат чувство на вина, страв и срам да проговорат за тоа што го доживеале, мислејќи дека нема да бидат разбрани и поддржани. Честопати се плашат и од етикетирање. Менталитетот на општеството се гради долгорочно, а за да се испорачаат резултати, потребно е ургентно да се иницира континуирана едукација, а акцентот да биде подеднакво ставен и на индивидуата како единка и на општеството како важен фактор во функционирањето на сите процеси. Доколку ја анализираме состојбата во општеството, особено на полето на воспитанието, ќе констатираме дека наставниот кадар е уплашен од самите ученици или од нивните родители. Вредносните кодови се дезавуираат, квалитетот не е мерило за прогрес, што ги тера некои добри и солидни деца да западнат во безнадежност, а други да заминат во друго поубаво опкружување.

КУРИР: Случајот “ Јавна Соба” е скандал и повеќе од јасно дека не смее да се дозволи да има реприза. Како психолог, сметате ли дека покрај тоа што јавно е изнесен идентитетот на некои од жртвите, треба јавно да се објават со име и презиме виновниците?

Секуловска:Прво, сметам дека чинот на сексуално вознемирување е целосно неприфатлив во секоја смисла. Убедена сум дека е потребно да постои прецизна регулатива која ќе се покаже како успешна алатка во намалување на бројот на злоставувачи, а воедно ќе биде пример  и за останатите. Доколку се поставени јасните правила за казните и санкциите од ваквото однесување, многумина од нив би размислиле двапати дали ќе го направат тоа дело или не. Воедно, законите треба да бидат еднакви за сите и доследно да се почитуваат.

КУРИР: Во сведоштвото на Ана, таа изнесе информации дека и покрај пријавувањето на случајот во полиција не наишла на никаква помош од државните институции затоа што е полнолетна. Сметате ли дека полнолетството е пречка за правна помош од државата во вакви случаеви на сексуално вознемирување? Каде го гледате проблемот вие?

Секуловска: Годините не треба да бидат пречка ниту причина за одбивањето на правна помош, туку треба да ги штитат граѓаните без разлика на возраст, пол, религија итн. Институциите треба да имаат обврска да дадат подршка во решавање на проблемот и заштита на жртвите. Кога поддршката на институциите би била поголема и во континуитет, споедлувањето на приказни со сексуално вознемирување би биле во значително поголем број.

КУРИР: Во врска со креаторите на “Јавна соба” и сите членови, каде вие ја гледате вината за креирање на ваква група, дали е можеби домашното воспитување или општественото опкружување? 

Секуловска: Кога говориме за развој на личноста, мислиме на тоа како се организирани обрасците на однесување кои ја сочинуваат единствената личност на секој човек во текот на времето. Развојот на личноста може да се набљудува од три аспекта: 1. Физички, 2. Интелектуален и 3. Психосексуален и психосоцијален развој. Многу фактори имаат влијание врз развојот на секоја личност, вклучувајќи ја генетиката, средината, семејството и општествените варијабли. Зрелост на личноста е процес кој се одвива во текот на целиот живот и од кој зависи точноста во запазувањето на сопствената личност (self concept), на останатите личности и успехот во секојдневните ситуации. Зрелоста секогаш ја набљудуваме во однос на возраста, средината и делумно и во однос на професијата. Од друга страна постојат три типа на незрелост: 1. Незрелост од конформистичен тип – прифаќање на нормите без преиспитување на вредностите, а како основа за овој вид на незрелост е стравот од конфликт, анксиозноста, чувство на завист и помала вредност. 2. Незрелост од ексцентричен тип – суштината на оваа незрелост ево тоа што личноста секогаш поаѓа од себе и само за себе и воопшто нема разбирање за останатите и 3. Незрелост на „неразвиена“ личност -укажува на неразвиен идентитет, што влијае на асоцијалното и антисоцијалното однесување .

КУРИР: Свесни сме дека сексуалното образование во нашата земја скоро и да не постои. Кој е вашиот став на оваа тема?

Секуловска: Многу ми е драго што најпосле ќе се воведе сексуалното образование и сметам дека е тоа голем чекор кон едукација и себеспознавање од најрана возраст. Убедена сум дека токму овој вид на едукација, во иднина ќе превенира од вакви девијантни состојби. Очекувам дека сексуалното образование ќе понуди добри резултати во едукација на децата, но како психолог сметам дека треба да е во паралелна линија  и со емоционалното и ментално образование.

КУРИР: За жал, секој може да се најде во ваква ситуација, да биде мета на сексуално вознемирување, Како вие како психолог, би ја поткренале свеста за сексуалното вознемирување и насилство?

Секуловска: Потребно е редовно и на сите нивоа да се спроведуваат програми и кампањи за подигнување на свеста во јавноста за различни манифестации на сите видови насилство и за последиците. Овие активности треба да бидат редовни, односно мора да бидат дел од постојан и долгорочен процес, а не еднократна мерка. Треба да бидат така концепирани за да им помогнат на сите членови во општеството за да го препознаат вознемирувањето и/или насилството, да му се спротивстават и да ги поддржат жртвите.  Утврдените обврски во поглед на заштитата и поддршката на жртвите и обезбедувањето на ефикасни истраги во случај на сексуално вознемирување и насилство треба да бидат дел од сеопфатна и координирана активност која ќе се спроведува преку делотворна соработка на сите релевантни актери.

 

КУРИР: Несомнено, жртвите поминуваат низ тежок период на некој начин веќе тие меѓу своите врсници се таканаречени “етикетирани”. Кои се последиците кои што жртвите ги имаат во нивното секојдневие, нивната психолошка состојба и социјалниот живот и како тоа би можело да се поправи?

Секуловска: Со цел да се надминат сите состојби: намалената самодоверба, чувството на вина, лутина и гнев, стравот од повторување на чинот, повлекувањето во себе, недовербата и сите останати ефекти од сексуалното вознемирување и насилство,  потребна е вистинска поддршка и разговор со стручни лица кои ќе работат на надминување на траумата, враќањето на чувството на себеприпадност и самопочит и доверба преку отворен, поддржувачки и охрабрувачки однос без притисок врз жртвата, давајќи и доволно време за соочување и надминување на состојбата.

 

КУРИР: Дали сметате дека е позитивно што се повеќе жртви се решаваат јавно да говорат и да го споделуваат своето искуство? Дали тоа може да ги охрабри останатите да преземат нешто во врска со својата ситуација?

Секуловска: Чувството дека не си сам и кога знаеш дека некој има слична приказна како тебе е навистина храбар и добар пример. Воедно, нивниот потег да го споделат храбро  своето искуство, без страв и срам е охрабрувачки чекор и за останатите жртви. Радува фактот дека во овој случај ваквата постапка доведе до голема поддршка од мнозинството граѓани и се воспостави емпатична конекција и сплотеност што и веројатно ќе продуцира намалување на бројот на злостставувачи. Сметам дека е голем чекор и голем напредок кој има поттикнувачко дејство за еден поинаков крај на злоставувачите.

Еден од најголемите проблеми на овие жртви е токму стартот на приказната. Не сакаат да споедлуваат и не сакаат да разговараат па токму ова е еден начин на започнување на ланецот за решавање на проблемот.

Магдалена  Андонова 

 

ЕУРО 2020

Македонија