вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 21
home Вести

Првиот човек на МАНУ: Македонија е поделена земја

Првиот човек на МАНУ: Македонија е поделена земја

Историјата нѐ учи дека империите се раѓаат и пропаѓаат. Нема подобар извор за дефиниција на империјализмот од енциклопедијата „Британика“, првпат отпечатена во 1768 година, во земја којашто беше голема империја во 19 век и првата половина на 20 век. Според енциклопедијата, „империјализмот“ означува „државна политика, практика или застапување за проширување на моќта и доминацијата, особено со директно територијално преземање или со стекнување политичка и економска контрола врз други области“. Понатаму, империјализмот „секогаш вклучува употреба на моќ, без разлика дали е воена, економска или некоја посуптилна форма“.

Во периодот по Втората светска војна, американските вооружени сили учествуваа во четири големи војни (Кореја, Виетнам, Ирак и Авганистан) и беа распоредени, заради конфликти или потенцијални конфликти, повеќе од 200 пати во скоро 70 земји. Иако Америка има малку вистински колонии: Порторико, Американските Девствени Острови, Гуам, Самоа и неколку други помали острови, военото присуство на Америка во светот е сеприсутно – околу 200 илјади лица се распоредени во околу 800 прекуокеански воени бази, во над 150 држави. Но стекнувањето и одржувањето на глобалната хегемонија чини многу, па затоа Америка почна да ги намалуваат своите обврски во странство, напуштајќи го Ирак (во времето на Барак Обама) и повлекувајќи се од Авганистан (во времето на Џо Бајден). Првенствено тоа, но и многу други индикатори, за коишто можете да прочитате во списанија и книги напишани од еминентни мислители и професори на врвни универзитети во САД, се работи/факти што укажуваат дека „Американската империја се распаѓа пред нашите очи“ (наслов на текстот на професорката Ребека Гордон објавен во списанието „Нацијата“ во јануари 2021 г.). Според многумина, распаѓањето на американската империја ќе биде болно, а некои дури предвидуваат дека „Крајот на американската империја нема да биде мирољубив“ (наслов на текстот на професорот Ниал Фергусон објавен во списанието „Економист“, во август 2021 г.). Но дали, кога и како ќе се распадне американската империја и какви ќе бидат последиците по светската геополитика не е предмет на овој текст и за тоа ќе пишувам на друго место.

Од друга страна, повеќе индикатори покажуваат дека веќе подолго време Западен Балкан не е меѓу приоритетите на ЕУ. Така, Македонија се соочува со круцијален предизвик: како понатаму? Пред да одговорам на прашањето, би сакал, сепак, да укажам на досегашната неконзистентна политика на ЕУ за проширување на европското семејство преку два примера. Првиот пример се однесува на Република Кипар, којашто во 2004 година стана членка на ЕУ со нерешен воен конфликт и без 40 проценти од својата номинална територија. Имено, на северната половина од нејзината територија од 1974 г. постои самопрогласена друга независна држава – турската република Северен Кипар којашто е делумно меѓународно признаена (единствено од Турција), при што помеѓу овие два ентитета постои состојба на војна со примирје, односно прекин на огнот, а линијата на разграничување меѓу двете кипарски републики моментално ја чуваат мировници на ОН. Вториот пример се однесува на Британските Острови. Во 1973 г. и Велика Британија и Република Ирска стануваат полноправни членки на ЕУ (тогаш уште ЕЕЗ). Меѓутоа, Република Ирска експлицитно во сопствениот устав има поставено територијални претензии кон Велика Британија, поточно таа не го признава британскиот суверенитет врз областа Северна Ирска, сметајќи ја како дел од сопствената национална територија. Овие два примера покажуваат дека сериозни нерешени проблеми од типот на замрзнати воени конфликти, официјални територијални претензии и негирања на национален суверенитет постоеле и постојат, а ЕУ не им поставувала никаков услов за нивно претходно решавање на државите што овие проблеми ги внеле во ЕУ. Наспроти тоа, сведоци сме дека денес Македонија се соочува со небулозни уцени поврзани со македонскиот јазик и нејзиното историско минато.

Така, ако американската империја постепено ослабнува, односно според многумина и се распаѓа, а ЕУ не само што нема праведен и конзистентен пристап кон нејзиното евентуално проширување туку и не покажува интерес за Западен Балкан: Како понатаму? Што треба Македонија да направи? Во неодамнешниот извештај за стратегиските предвидувања, објавен во септември 2021 година од страна на Европската комисија, се идентификуваат четири главни глобални трендови: (1) климатските промени и другите предизвици за животната средина, (2) дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација, (3) притисоците врз демократијата и европските вредности и (4) промените во глобалниот поредок и во демографијата. Одговорот на погоре поставените прашања треба да се обидеме да ги најдеме имајќи го предвид овој извештај. Секој од четирите глобални трендови заслужува посебен осврт земајќи ги предвид спецификите на Македонија. Просторот не дозволува опсежно да се задржам на сите нив, па така, денеска нема воопшто да зборувам на првиот, за многу аналитичари најголемиот предизвик, но интегралниот текст ќе содржи подетални информации за сите четири трендови/предизвици.

Глобализација не е нова појава, а нејзините корени можат да се трасираат во 1817 година, кога британскиот економист Дејвид Рикардо објасни како една земја може да има корист и од увоз и од извоз. Последната, четврта фаза на глобализација, забрзана од пандемијата на заразата ковид-19 и водена од движењето на битови и бајти, а не стоки, го преобликува нашиот свет. Оттука, важноста на вториот тренд/предизвик, па затоа државите без силна дигитална хиперповрзаност и технолошки способна работна сила имаат мала веројатност за економски успех. Овој тренд/предизвик уште еднаш укажува на важната улога на науката за развојот на државите. Меѓутоа, за жал, во изминатите 30 години би можел само да издвојам етапи на уништување на македонската наука.

Заради иднината на Македонија и благосостојба на нејзините жители, се надевам дека конечно ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да биде „вистинскиот водич“ за нашата иднина. Затоа, уште еднаш, инсистирам засекогаш да ги напуштиме небулозните тековни реформи во образованието и да пристапиме кон вистински развој на науката и образованието.

Што се однесува до третиот тренд/предизвик – притисоците врз демократијата и европските вредности, Македонија се соочува со енормно големи проблеми во однос на владеењето на правото и демократизацијата на институциите. Меѓутоа, по мое мислење, круцијален проблем во Македонија е односот на дел од македонските властодршци спрема граѓаните. Тој однос се карактеризира, за што сум говорел и пишувал многупати, со ароганција, неразумност, бескрупулозност, безобѕирност, неморалност, алчност и властољубие, што резултираше во: „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино“ („Диво месо“). Бугарскиот договор (2017), Преспанската спогодба (2018) и промената на Уставот (2019), заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од едноставна причина: секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст. На Македонија не ѝ е потребна ЕУ по секоја цена, туку реформи, што ќе донесат стабилно општество со европски вредности. Ќе повторам, нам ни се потребни европските вредности, не ЕУ.

Денес, геополитичкиот поредок е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односи на трите империи (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Така, во однос на четвртиот предизвик – промените во глобалниот поредок и во демографијата, Македонија, по мое мислење, треба да има принципиелен став спрема големите империи. Сервилноста на дел од македонските политичари спрема САД е непродуктивна и затоа треба јасно да се каже, „подлизурковците никој не ги почитува, најмалку оние, на кои им се подлизуваат“, што, за жал, катадневно го гледаме во Македонија. Наспроти денешнава сервилност, сетете се, не беше толку одамна, Југославија ги критикуваше двете воени интервенции, и американската во Виетнам и советската во Чехословачка, па затоа, токму поради ваквиот принципиелен став таа беше почитувана и од САД и од СССР.

Имајќи го предвид сето ова, синтагмата „ЕУ е единствено решение“ е бесмислена. Можеби, во моментов, на прв поглед, ЕУ е подобро решение, но сигурно не е единствено. Токму сонот за ЕУ, наместо кон ЕУ, всушност, нѐ доведе до безизлезност и нам ни треба мудрост полека да излеземе од бездната.

Сите сонуваме. Иако „сонувањето не е само чин на комуникација; тоа е исто така естетска активност, игра на имагинацијата, игра што е вредност сама по себе“ (Милан Кундера), сепак, „фактите се подобри од соништата“ (Винстон Черчил). Македонските лидери, за жал, последниве две-три години безрезервно се потпреа на соништа, посебно сонот кон ЕУ, што доведе Македонија да стане марионета на големите империи, коишто ја определуваат нејзината судбина. Време е тоа да се смени. Во 1858 година, две години пред да започне граѓанската војна, Абрахам Линколн ќе каже: „Куќа поделена против самата себе не може да издржи… Не очекувам дека Унијата ќе се распадне, не очекувам дека куќата ќе падне, но очекувам дека куќата ќе престане да се дели“. Повеќе од 160 години подоцна, Соединетите Американски Држави уште опстојуваат, но се сѐ повеќе поделени. Денес, 30 години по независноста, Македонија е поделена како никогаш досега. Не сум сигурен дали и до кога ќе опстои, но за да опстои, поделбите треба да престанат веднаш. Во името на ова – поделбите да престанат, се надевам дека сите ќе придонесеме Македонија да ја гради својата иднина достоинствено и гордо, а времињата на заробена и понижена држава ќе останат засекогаш зад нас.

Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ за Нова Македонија

Локални избори 2021