вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 35
home Вести

Прва прес-конференција на ДИК за денешното гласање на болните, немоќните лица и затворениците

Прва прес-конференција на ДИК за денешното гласање на болните, немоќните лица и затворениците

Избирачките одбори од утринава го спроведуваат гласањето на болните, немоќните, хронично болните лица, кои се пријавиле за гласање за предвремените парламентарни избори, а своето право на глас го искористуваат и затворениците, лицата во домашен притвор, во старските домови и шестмина внатрешно раселени лица.

Според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), како што изјави на утринската прес конференција портпаролот на ДИК Адмир Шабани, гласаат 8.843 болни и немоќни и хронично болни чии пријави се прифатени од ОИК.

Гласањето е започнато и во 13 казнено-поправни установи, каде во посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 1.657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Се изјаснуваат 357 лица во 17 старски домови. Гласањето на овие лица се спроведува од страна на избирачките одбори, како и вообичаено досега, со тоа што и членовите на одборите, но и лицата што се пријавиле да гласаат задолжително мора  да ги почитуваат општите превентивни мерки за заштита од КОВИД – 19.

Согласно Изборниот законик и упатството донесено од ДИК, граѓаните своите гласачки ливчиња треба да ги обележат со заокружување на редниот број на подносителот на листата со хемиско пенкало во сина боја. Ниту еден друг знак не смее да биде ставен на гласачкото ливче бидејќи во таков случај, гласачкото ливче ќе се смета за неважечко.

Со цел граѓаните да можат да ја известуваат ДИК и да даваат свои препораки што се однесуваат на изборниот процес ДИК активен е бесплатниот телефонски број 0800-555-44. За комуникација со граѓаните со оштетен слух и говор активен е телефонскиот број 076488360, преку кој овие граѓани со видеоповик ќе можат да комунициираат со ДИК. За сите останати граѓани на располагање е и веб страната на ДИК www.sec.mk, како и Фејсбук и Твитер и каналот на Јутјуб.

Вчера, на првиот ден на гласањето, за кандидатските листи се изјаснуваа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Државната изборна комисија синоќа соопшти дека правото на глас го искористиле 723 лица заболени од КОВИД-19 и во самоизолација, од пријавени 759.

Од вчерашното и денешното гласање, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето. Истите кутии се користат за денешното гласање на болните и немоќните, а пликоата се отвораат и гласовите ќе се бројат утре заедно со останатите.

Изборите за пратеници во Собранието се одржуваат со задолжителна препорака за почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Коронавирус