четврток, 14. ноември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Противуставно се казнети адвокатите во предметот „27 април“, одлучи Уставниот суд по иницијатива на адвокатите Зефиќ и Тошковски

Противуставно се казнети адвокатите во предметот „27 април“, одлучи Уставниот суд по иницијатива на адвокатите Зефиќ и Тошковски

Уставниот суд ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски во предметот за настаните во Собранието од 27 април, објавува академик.мк .

Уставниот суд: Повредено е уставното право на слобода на мислата

„На адвокатите им е повредено уставното право на слобода на мислата и на јавното изразување на мислата“, велат од Уставниот суд, од каде што потенцираат дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност.

Зефиќ и Тошковски, кои поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд, беа едни од повеќето адвокати кои ги застапуваа обвинетите за настаните од 27 април и кои беа парично казнети и отстранети од судењето.

Адвокатите беа казнети откако се пожалија на условите во кои се одвиваше распитот на загрозениот сведок во старата зграда на Кривичниот суд, каде што беше префрлен распитот поради технички пречки во новиот објект на судот.

„Ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд, која е прва од овој вид, а со која се потврдува дека адвокатите имаат централна улога во правосудниот систем. Ние сме посредници меѓу клиентите и судот, а наша главна задача е да дадеме ефективна одбрана. Нашето главно оружје е зборот. Токму поради тоа не смее да бидеме казнувани за упатена критика или за искажан збор при одбрана на правата на нашите клиенти зашто тоа не е одлика на едно демократско општество“, вели адвокатката Павлина Зефиќ.

„Нам како адвокати оваа одлука ќе ни даде мотивација и понатаму да продолжиме да се бориме за подобри услови за работење и за поголеми права“, потенцира адвокатот Панче Тошковски.

Јасна е улогата која ја имаат адвокатите во едно демократско општество

„Во конкретниов случај, од страна на сите адвокати бил искажан револт со стоење во судницата поради немање соодветни услови за работа, во еден од највисоко профилираните кривични случаи. Имено, јасна е улогата која ја имаат адвокатите во едно демократско општество. Нивната улога е да бараат од судот, како гарант на правата и слободите, да ги спроведува законските одредби, да се грижи за владеењето на правото и да ја стекне довербата кај јавноста. Критицизам од страна на адвокатите е дозволен, но во соодветни рамки“, се посочува во одлуката на Уставниот суд, која во целост може да се погледне на следниот линк.

Европскиот суд за човекови права ја нагласува улогата на адвокатите

„Природата на искажаните критики/забелешки/ставови, исто така, е важна за ЕСЧП кога одлучува за повреда на слободата на изразување. ЕСЧП цени дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат, или пак за пренесување факти.

Спецификите на случајот во кој постапувал адвокатот и искажал критика се битна алатка за ЕСЧП. Тој смета дека треба да се гледа целиот контекст на случајот, а не само сегменти. Улогата на адвокатот, особено во правосудниот систем, е постојано нагласувана од ЕСЧП, кој вели дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес“, се вели понатаму во одлуката на Судот, упатувајќи на иницијативата поднесена од адвокатите.

Во иницијативата се наведува дека доколку се применат горенаведените стандарди во конкретниов случај, во кој се казнети 25 адвокати, ќе се забележи дека постои не само повреда на Уставот, туку и повреда на членот 10 од Конвенцијата за човекови права – повреда на слободата на изразување. Во овој случај, адвокатите не упатиле навреда кон судот, туку испратиле конструктивна критика со цел да добијат соодветни услови за работа за сите бранители. Бидејќи барањата на адвокатите не биле воопшто разгледани, во знак на револт и критика кон судот за третманот кон адвокатите застанале на нозе, на тој начин сакајќи да упатат порака до судот дека е должен да обезбеди услови за работа за сите, особено при сослушување на заштитен сведок.

Мерката на казнување на адвокатите од страна на судовите е непропорционална

„На прашањето дали ‘ограничувањето’ на слободата на изразување со изрекување на казните било неопходно во едно демократско општество, одговорот е ‘не’, со оглед на тоа што мерката на казнување на адвокатите од страна на судовите е непропорционална и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразување, спротивно на Уставот во однос на членот 110 алинеја 3 во делот на заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, a гарантирани со членот 16 став 1 од Уставот, со што се повредува и членот 10 од Конвенцијата“, истакнуваат од Уставниот суд.

Во конкретниов случај, посочуваат од Уставниот суд, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, содржината на оспорените решенија на судовите, наводите во барањето на апликантите, одредбите од наведените закони, практиката на Европскиот суд за човекови права и актите од меѓународното право, се оцени дека постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, која била сторена со оспорените решенија кои се однесуваат на адвокатката Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски.

Судот предизвикал состојба на функционален проблем

„Необезбедувањето на функционални услови во другата сала, во која била преселена главната расправа, и тоа во друг објект, поради настанати ‘технички пречки’ во салата во која првично била закажана и започната главната расправа, а во преселената сала просторно биле собрани сите учесници во постапката, кои биле во голем број поради единственото водење на главната расправа, во која дел биле и апликантите, адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски од Скопје, покажува дека судот предизвикал состојба на функционален проблем со кој било оневозможено непречено вршење на бранителската улога на адвокатите во предметот, а поради тоа апликантите заедно со останатите адвокати не само што го изразиле директно усно своето незадоволство на судечкиот состав во постапката на главната расправа, туку и не сакале да седнат на столчињата и само стоеле во преселената сала. Поради тоа, поради изразување на правото на критика кон судот, како право на јавно изразување на мислата – критиката кон судот, тие биле од судот казнети со парични казни од по 1.000 евра во денарска противвредност, меѓу кои и апликантите со оспорените решенија, а потоа Апелациониот суд Скопје со оспореното решение им ги намалил казните од по 500 евра во денарска противвредност, како што е веќе погоре наведено во овој реферат. Судот со тоа ја попречил и ограничил слободата на изразување на мислата – критика кон судот, во рамки на вршење на бранителската функција на адвокатите, игнорирајќи го фактот дека тој самиот во организирањето на главната расправа суштински придонел да дојде до реакција на адвокатите изразена со протест преку стоење во судницата, бранејќи го своето законско право за вршење на бранителската функција на главната расправа за што биле овластени во рамки на нормативата и духот на Законот за кривичната постапка и Законот за адвокатура“, образложуваат од Уставниот суд.

Не може да се смета казнувањето како неопходно за едно демократско општество

Во светло на целината на фактите, додаваат од Судот, произлегува дека со критиките изразени од адвокатите со стоење во судницата и укажување дека немаат услови за работа не биле надминати границите на прифатливи критики  согласно член 10 од Конвенцијата и не може да се смета казнувањето како неопходно за едно демократско општество, а со тоа ниту првично. Изрекувањето парични казни од по 1.000 евра, што е близу до максималната казна што може да се изрече согласно законот, а подоцна намалени на по 500 евра, не може да се смета за неопходно во едно демократско општество.

Инаку оваа одука на Уставниот суд доаѓа по решението на судијката Добрила Кацарска која ги казни 30-те адвокати за 27 април за време на едно од судењата, затоа што кога се сослушуваше заштитениот сведок судот не обезбеди минимум услови за нормално одвивање на судењето. (Адвокатите немаа каде да седнат, ниту каде да водат записник), па поради тоа што стоеја Кацарска ги казни со по 1.000 евра.