петок, 15. јануари 2021. Вести денес: 121
home Вести

Протестантите во Македонија барат 31 октомври да биде прогласен за празник

Протестантите во Македонија барат 31 октомври да биде прогласен за празник

Евангелско-протестантските цркви регистрирани во Македонија, обединети под Евангелско-протестанстска иницијатива (ЕПИ) официјално побараа 31 октомври, Денот на Реформацијата да биде прогласен за празник на евангелско-протестантските христијани.

-Тргнувајќи од фактот дека евангелско-протестантските христијани повеќе од 150 години се дел од религиозната историја и култура на Македонија и од мултикултурното општество, ние евангелско-протестантските цркви во Македонија, собрани во Евангелско-протестантска иницијатива (ЕПИ), сметаме дека е правично да се побара 31 октомври – денот на реформацијата – денот кој се смета за почетокот на протестантската реформација, 31 октомври 1517 година, да биде прогласен за празник на евангелско – протестантските христијани, стои во иницијативата.

Протестантите во Македонија сметаат дека вклучувањето на овој празник во листата на празниците ќе биде потврда на улогата и заложбата на евангелско-протестантските цркви за развојот на македонското општество, но и вистинската мултирелигиозност на нашето општество.

Овој празник, 31 октомври – Денот на Реформацијата е државен празник во Германија, Словенија, Словачка.

Протестантската иницијатива обединува 11 регистрирани цркви, Евангелско-методистичка црква во Македонија, Евангелска црква во Република Македонија; Евангелско-конгрешанска црква; Евангелско-протестантска црква Гласност; Слободна евангелска црква „Добра вест“; Христијанска баптистичка црква „Радосна Вест“; Христијанска заедница Тринитас; Христијански центар во Република Македонија; Христијанска црква Божји глас; Христијанска црква Оаза во РМ; Христијанска црква Слово на надеж.

Коронавирус