четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 138
home Вести

Протест во колона со возила по магистралата Гостивар – Кичево поради поскапувањето на струјата

Протест во колона со возила по магистралата Гостивар – Кичево поради поскапувањето на струјата

Група гостиварци вечерва протестираа движејќи се во колона по магистралниот пат Гостивар – Кичево. Двесетината возила тргнаа од наплатната станица на автопатот „Мајка Тереза“ и возеа до крстосницата со семафор за Кичево и село Здуње. За време на протестот, сообраќајот по оваа делница, долга два километра, се одвиваше забавено и полицијата го регулираше минувањето на останатите возила.

Пред тргнувањето протестирачите искажаа незадоволство од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти.

Целта на протестот е да се истакнат барањата: да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен трибунал во служба на граѓаните кој ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката. Тие побараа и намалување на ДДВ-то за струјата и укинување на ставката за електрична моќност од 33 проценти.

Протестот траеше околу половина час и помина без инциденти и под надзор на полициски службеници. (МИА)

Коронавирус